На средбата, иницирана од вицепремиерот Маричиќ, беше разговарано за можностите за унапредување на соработката во рамки на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање, преку различни курсеви, тренинзи и проекти кои ќе го доближат процесот и олеснат преговорите со ЕУ.
– Поддршката од „Колеџот на Европа“ во зајакнување на знаењето на македонската администрација ќе биде од големо значење за евроинтеграцискиот процес. Активирањето на Меморандумот за разбирање со „Колеџот на Европа“ е добар знак за нашата посветеност и желба успешно да го завршиме преговарачкиот процес, рече на средбата Маричиќ.
Ректорката Могерини исто така изрази задоволство иницијативата за активирање на активностите предвидени со Меморандумот за разбирање и од можноста за соработка токму во процесот на преговори на Северна Македонија со Унијата.
Покрај тоа, се разгледаа и можностите за учество на нашата администрација на летните семинари на колеџот, како и можноста за заедничка проектна соработка. Двајцата изразија очекување дека на ваков начин ќе се придонесе во стручното усовршување на сите кои се вклучени во преговарачкиот процес, како и дека јакнењето на капацитетите е чекор кон постигнување на целта членство до 2030 година.