ВМРО-ДПМНЕ утрово обвини дека Владата лаже бидејќи Европскиот Совет со Македонија отпочнал фаза на отворање на преговори, а со Албанија се отпочнати преговорите.

-На официјалната веб страна на Европскиот Совет во делот на соопштенија од Советот, во две засебни соопштенија за меѓувладините конференции, помеѓу Албанија и Македонија со ЕУ се гледа кој почнува преговори, а кој ќе чека уште. Албанија почнува преговори, а Македонија уште е во чекална, велат од партијата.

Како што објаснува најголемата опозициска партија, „Македонија да ги почне преговорите треба да се бугаризира, и тоа е директна вина на премиерот Димитар Ковачевски“.

Ковачевски вчера организираше прием по повод отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија.

Им се заблагодари на граѓаните, за нивната истрајност и визија за европска иднина од која не се откажаа. Тие, подвлече Ковачевски, се најзаслужни што ние денес сме тука кај што сме. Тие, истакна, не се предадоа пред ниту еден предизвик за да го исполнат својот сон да бидат дел од европското семејство.

-Ве уверувам, а и тоа го потврдија на повеќе наврати и високите претставници на Европската Унија и тука дома кај нас, но и вчера во Брисел, дека нашите позиции се зачувани и потврдени. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Бевме јасни и гласни, дека за овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара, истакна во обраќањето премиерот Ковачевски.