Германскиот претседател Франк Валтер-Штајнмајер при првата посета на земјава се обрати во Собранието пред пратениците и меѓу другото испрати силна порака дека уставните измени се повеќе од собирање политички поени и лично профилирање.
-Свесен сум дека патот кон Европската Унија е сè освен лесен, дека довербата и трпението во преговорите ќе бидат оптоварени, но мојата молба до вас пратеници, но и до сите граѓани на Северна Македонија е да продолжите да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, порача Штајнмајер и испрати молба да не се губи од вид толку долго посакуваниот стремеж -пристапувањето кон ЕУ.
Дел од експертската јавност гледа различно на говорот на Штајнмајер во Парламентот.
Според политичкиот аналитичар Ерол Ризаов, „направивме да се не види добронамерноста и пружената рака“.
-Како и многу пати досега од кристално јасни и пријателски пораки успеавме уште пред да си замине гостинот, германскиот претседател Штајнмаер, да ја заматиме водата да не се види добронамерноста и пружената рака на силна поддршка во остварување на највисоките стретешки државни интереси на Македонија, вели Ризаов за „Локално“.
Аналитичарот смета дека бессмислено е да се толкува она што е јасно кажано во говорот на германскиот претседател пред пратениците во Собранието.
-Сосема друга работа е дали со тоа ќе се согласиме или не. Додека пак налудничаво е неговите зборови да се извртуваат насочувајќи ги во спротивна насока од она што како пораки до граѓаните на Македонија и до пратениците, политичарите, интелектуелните и деловни елити ги испрати германскиот претседател, оценува Ризаов.
Тој порачува дека е жално што ова редовно ни се повторува при секоја значајна посета и при секоја недвосмислена порака, која означува побрзо членство на Македонија во ЕУ.
-Така ги дочекавме и пораките и отвореното писмо до граѓаните на Македонија на германскиот канцелар Олаф Шолц, така бевме недоверливи и воздржани на повеќето искажани поддршки на германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината силна ангажираност Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и да се најдат компромисни решенија со соседите. Најлошо помина претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, која беше иссвиркана во Собранието при нејзиниот говор од некои народни избраници на голем срам на граѓаните на Македонија, објаснува соговорникот.
Ризаов потенцира дека нема ништо нејасно во говорот на Штајнмајер.
-Зошто би го толкувале говорот на претседателот Штајнмаер што сакал да каже кога вели: „Овде, на ова место, можете повторно да направите историја. Сигурен сум дека повторно ќе одржите страсни и сигурни дебати. Но, уставниот амандман е повеќе од тоа да се добие поен во домашната политичка дебата, се работи за повеќе од тоа што политичките партии или поединци се прославуваат. Сега не е време да се западне во поедноставени слогани и националистички чувства. Немојте да ја изгубите од вид целта што ја терате толку долго, влезот во ЕУ што го барате веќе седумнаесет години. Сигурен сум дека патот кон Европа вреди дури и за следниот, предизвикувачки чекор!“
Или кога вели:Свесен сум дека патот до членството во Европската унија е сè само не лесен, дека довербата и трпението се напрегнати во напорните преговори, понекогаш можеби премногу затегнати. Но, мојот апел до вас, пратениците, и до целиот народ на Северна Македонија е: Продолжете решително на патот кон пристапување! Не враќајте се назад во последните метри!
Што има тука нејасно, или нешто што може да се насочува на погрешна страна. И како што е редот за да не се внесува забуни со цитати од говорот најдобро е тука да се објави линк од интегралниот говор на германскиот претседател Штајнмаер во Собранието на Македонија.
Како поука за толкувачите на претседателски говори што тие сакале да кажат, а не кажале ќе ја раскажам една од приказните на Насредин оџа која мислам дека е многу прикладна за нашите читања и толкувања.
„Еден ден една анама дошла кај Насредин оџа и го замолила да го прочита писмото. И се разбира оџата почнал да чита: Почитувана анамо еве по долго време решив да ви се јавам и да ве прашам како сте дали сте добро…..Анамата спискала аман бе оџа што читаш, ова е тапијата од куќата. Оџата спокојно одговорил: Ти ми рече писмо и јас читам како писмо, да ми речеше тапија од куќата јас ќе читав како тапија“. На толкувачите преостанува да оценат кој е неписмен, оџата или анамата, објасни Ризаов и додаде:
-За мене членството во ЕУ е тапија за опстанок и сестран развој на Македонија. Јас така го читам брилијантниот говор на германскиот претседател Штајнмаер.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски е категоричен дека е најглавната порака на Штајнмајер е кон опозицијата дека мора да одлучат дали ќе ги поддржат уставните измени или не.
-Очигледно е дека европската заедница е сериозно заинтересирана за прогрес, побрзана евроинтеграција на регионот од геополитички причини во ЕУ и дека опозицијата мора да одлучи дали таа ќе биде единствениот причинител што Македонија нема да ги отвори поглавјата, а со тоа и пристапните фондови, порачува Арсовски за „Локално“.
Штајнмајер во својот говор зборуваше и за прифаќањето на францускиот предлог-преговарачка рамка за земја и тензиите во Собранието за време на дебатата во јули годинава, при што аналитичарот порача дека донесовме историска одлука.
-Како што донесовме и со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор, но факт е дека таа одлука за многу наши граѓани е болна и компромис кој што можеби се уште имаат дилеми дали се исплатеше. Мислам како што поминува времето, исто како и за другите договори, ќе сфатиме денеска дека бенефитите се поголеми од цената, оценува Арсовски.
Н.П.