„И честитам на Владата за историскиот момент на 19 јули, кој сите не прави радосни. Ние како португалско претседателство вложивме напори да се дојде до овој момент, и со елементи од нашиот португалски предлог дојдовме до овој историски момент“, рече денес во Скопје шефот на португалската дипломатија Жоао Гомес Кравињо, кој првпат се наоѓа во посета на Македонија, а како што дополни неговиот домаќин министерот за надворешни работи Бујар Османи, посетата на Кравињо е и прва посета на европски претставник по почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

„Знаеме дека одлуките не беа лесни, честитки за лидерството на Северна Македонија. Тука сум да кажам дека Португалија и натаму ќе  ја поддржува вашата земја во текот на целиот процес на пристапување во ЕУ. Можете да сметате на наша техничка и политичка поддршка“, изјави португалскиот министер.

На прашањето што е поквалитетно во францускиот предлог во однос на португалскиот предлог кој Лисабон го лансираше за  време на нивното претседателствување со ЕУ минатата година, Кравињо одговори дека биле вложени напори да состават предлог кој ќе биде прифатен.

„Во политика треба да го правите тоа што е возможно, а не да се водите според моменталните случувања. Договорот кој е постигнат е договор кој овозможува скрининг кој е интензивен и има две фази – првата е објаснување на скринингот и потоа следува билатерален скрининг кога се утврдуваат разликите во законодавн рамка на Северна Македонија во однос на европската. Штом заврши скринингот и уставните измени ќе се одржи и втората меѓувладина конференција“, рече тој и изрази уверување дека Македонија повеќе нема да се соочува со билатерални блокади.