Кабинетот на претседателот на Владата провери во Министерството за внатрешни работи и нема функционер на кој му е платено патување во странство на државна сметка, кратко одговори премиерот Димитар Ковачевски на пратеничко прашање поставено од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачки го праша премиерот дали го оправдува однесувањето на заменик-министерот за внатрешни работи од ДУИ и доколку одговорот е негативен, дали би поднел предлог до Собранието за негово разрешување. По краткиот одговор на премиерот, тој посочи дека Владата бега од одговорност и го обвини Ковачевски дека е уценет од ДУИ. -Од одговорот докажавте дека сте уценет човек и дека цело време сте под притисок од ДУИ. Вие сте обичен слуга на ДУИ.
Како може да не ве интересира кој му ја платил сметката и да толерирате изјава дека „не знае кој му ја платил сметката“. Ако на заменик-министер не му е важно кој него го корумпира, како тој човек ќе се бори утре против корупција, рече Ковачки. Минатата недела, албанскиот портал „Ора њуз“ објави истражување за албански функционери, меѓу кои се најде и заменик-министерот на МВР, Назим Буши.
Согласно податоците на албанскиот протал, Буши престојувал во Турција и платил 20.000 евра за едно ноќевање во луксузен хотел. По објавувањето на ова истражување, Буши одговори дека повеќе лица престојувале во хотелот и не знае кој ја платил сметката, но и дека сумата од 20.000 евра е претерана.