Како НАТО членка посветено придонесуваме кон колективната безбедност и ова е видливо низ изминатата година преку сите активности без разлика дали е помошта и поддршката за Украина, воените вежби Брз одговор или Блесок 22 и други активности. Но воените и политичките активности се тесно врзани со нивната комуникација и со умешноста истите да ги доближиме што поблиску и што поточно до граѓаните.

Од комуникациите и од нашата отвореност зависи дали и како граѓаните ќе разберат на кои начини работиме секојдневно на зачувување на нивната безбедност, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.

– Иако, во безбедносните кругови понекогаш преовладува мислата дека во јавноста нема дискусија за безбедноста, значи дека безбедноста си ја врши работата, сепак, јас лично не се согласувам со таа теза. Сметам дека во ерата на дезинформациите и хибридните напади токму стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата и доспеваат до точните и проверени информации до граѓаните наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв.

Воената инвазија врз Украина од страна на Русија и огромниот наплив на дезинформации околу истата ни покажа дека комуникациите можат да имаат сериозно разорно влијание и против таквото влијание мора да се бориме.

Точно е дека Украина во овој момент одлично се справува со информациската војна за што од сите нас има поддршка, но токму таа информациска војна ни покажува колкава е улогата на комуникациите во стабилноста на една земја и еден регион, рече премиерот Ковачевски.