Главен преговарач со Европската унија ќе биде вицепремиерот Бојан Маричиќ. Ќе се формира Комитет за преговори
„Целта ни е да ги завршиме преговорите во 2030 година. Тоа е реално и достижно. Сигурен сум дека во следното проширување на ЕУ ќе биде и Македонија“, рече Ковачевски нагласувајќи дека тој процес, секако, ќе заврши со заштита на нашите интереси.
Според премиерот, структурата на преговарачкиот тим е договорена и тој има целосна доверба во капацитетот на Секретаријатот за европски прашања да ги води и координира преговорите со Унијата, како и да се носи со сите предизвици.
На крајот тој апелираше до опозицијата да се вклучи и да го помогне овој процес за да може да биде завршен што побрзо. Наредните денови се планирани средби со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, кој е од опозицијата, за да се направи чекор во тој правец.
„Нашата иднина е во ЕУ. За нас ова нема алтернатива“, порача Ковачевски.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ потсети дека во 2019 година Владата усвои преговарачка структура, но поради сменетата методологија има потреба таа да се смени. Маричиќ вели дека нема модел искуство од земјите кои досега преговарале или сè уште преговараат, бидејќи оваа методологија првпат се става во функција.
„Новата методологија наметнува пополитички пристапни преговори на начин што целокупниот процес го подигнува на повисоко политичко ниво во сите фази на преговорите. Со денешната одлука се одлучуваме за нова структура што го поедноставува овој механизам и воедно ќе го направи хиерархиски пофункционален, поефикасен и поефективен. Се воспоставува главен преговарач, функција што ќе ја вршам јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. За хиерархиска консистентност, ќе има и заменик на главниот преговарач, а таа функција ќе ја врши државниот секретар за европски прашања, Дрита Абдиу Халили“, информираше Маричиќ.
Појаснувајќи ја преговарачката структура, тој посочи дека покрај главен и заменик преговарач, таа ќе содржи и Комитет за преговори, претседаван од Владата и премиерот Димитар Ковачевски, четворицата вицепремиери, министерот за надворешни работи и министерот за финансии. Содржи и Државна делегација за преговори, на чело со министерот за надворешни работи Бујар Османи како шеф на делегацијата.
Во составот на преговарачката структура вклучена е и група за преговори составена од главен економист, главен правник и главен анти-корупционер. Формирани се и Работен комитет за европска интеграција и работни групи за пристапни преговори, како помошни тела поделени по кластери, три области и 33 поглавја. Истите ќе учествуваат во подготовка на анализи за степенот на усогласеност на националното законодавство со ЕУ и подготовка на нацрт-преговарачки позиции.
Како единствена точка за координација ќе биде Секретаријатот за европски прашања, со оглед на надлежностите што ги дава Законот. Во секоја работна група ќе има претставник-координатор од СЕП, надлежен за методолошките и процесни аспекти и координација со останатите тела.
„Заради важноста и улогата на Собранието, неговата одлука ќе се дефинира со меѓусебен договорен акт во кој ќе биде дадена и дефинирана улогата на опозицијата. Во наредните денови се планирани средби со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции за што подаваме рака и опозицијата да се вклучи во овој процес“, вели Маричиќ.
Во однос на претседателот на државата, тој додаде дека дополнително ќе биде утврден механизам за начинот и динамиката за информирање на претседателот на државата за пристапните преговори.
Предвидена е и претставници од граѓанскиот сектор да учествуваат во работата на работните групи. Исто така, свое место во процесот ќе има и бизнис заедницата, како и академската заедница и локалната самоуправа.
„Целта што си ја зададовме е завршување на преговорите и членство во ЕУ до 2030 година. Нашата иднина е во Европската Унија и затоа потребно е преку максимална посветеност и ангажираност да се вклучиме, да ја искористиме шансата што е пред нас и со брзи чекори и самоуверено да одиме напред кон полноправно членство во ЕУ. Следува динамичен период за сите нас, каде ќе имаме адресирање на бројни аспекти, бројни теми. Само ако сме искрени, ќе имаме ефикасно спроведување на потребните реформи и подготвеност за следната фаза, а тоа е отворањето на кластерите и поглавјата“, заклучи Маричиќ.