По членството во НАТО и преговорите со ЕУ, најкрупен проблем кој треба да се решава во идниот период е борбата со корупцијата – изјави премиерот Ковачевски, кој смета дека на ова прашање треба да се посвети цело општество, а не само извршната власт.
Владата вели има обврска да обезбеди независно судство и обвинителство и да усогласува закони со европската регулатива, според него извештаите се подобрени, но не прецизираше дали има конкретна стратегија и план како да се справи со корупцијата и со непотизмот во институциите.
-Во изминатите 10 месеци мене не можевте да ме видите некого да бранам доколку се испоставеше дека има одредени сомнежи за некој функционер кој е во надлежност на Владата, туку напротив, секогаш ги повикував сите институции што се задолжени да испитаат одреден случај така и да постапуваат. Кога зборуваме за борба против корупција, јас не мислам само на корупција на високо ниво, туку на корупција на сите нивоа во општеството. Значи, од најнискиот шалтер во општеството во некоја локална самоуправа до највисоки нивоа на корупција. – Димитар Ковачевски – претседател на Влада
Дека корупцијата е проблем и на пониско ниво, а не потекнува само од политиката констатира и германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн. Таа вели дека Европската Унија го бара тоа од нас, а напредокот ќе зависи од брзината на реформите во Македонија.
За дел од експертите корупцијата ќе опстојува на сите полиња се додека доминира политичкото влијание, особено во истражните органи. Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека спас се само казните за селективните наредби и одлуки во правосдуството, ако нема вработувања по партиски клуч и непотизам.
Проблемот на Македонија со корупцијата деновиве го потенцираше и специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, како и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер. Беше најавено и дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот, но и да се тргнат од одговорните позиции.