Извршниот директор на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи, најави јавен повик за продажба на јаглен, на кој ќе може да учествува и АД Електрани на Северна Македонија.

Тој во синоќешното интервју за приштинската КТВ вели дека за прв пат ќе биде постигнат таков договор со Македонија, но и дека за време на енергетската криза ќе постои потреба за размена на електрична енергија помеѓу двете земји.

– Сме разговарале со водачите на македонската енергетска корпорација за можноста од размена на јаглен и електрична енергија, но во моментов не гледаме многу можности да ја реализираме таа размена, затоа што и тие имаат големи побарувачки за електрична енергија. Меѓутоа, разговорите продолжуваат и во иднина може да очекуваме нешто такво. Тоа што се договоривме е да објавиме тендер за продажба на јаглен и тие изразија интерес да дојдат и да купат јаглен од нас, рече Красниќи.

Цената на јагленот ќе биде одредена според пазарни услови, а првиот човек на косовското електростопанство додаде дека Косово сепак не е подготвено за извоз на големи количества на јаглен.

– Нашата опрема и сета инфраструктура не се подготвени за извоз на големи количества јаглен, меѓутоа барања на пазарот има поради светската енергетска криза, додаде Красниќи.