Опсежна истрага за „корупција и перење пари“ во европскиот парламент. Во Белгија приведени високи функционери, меѓу нив и потпретседателката Ева Каили и поранешниот европратеник Пјер – Антонио Панцери. Според белгиското државно обвинителство истрагата се води против наводна криминална организација, обиди на една земја од Заливот да влијае на економските и на политичките одлуки на Европскиот парламент, како и за наводите за корупција и перење пари.

Извршени се 16 претреси и пет апсења. Меѓу другото, одземени се и 600.000 евра во готовина, како и мобилни телефони.

Сомнежите се дека во аферата е вмешан Катар, односно дека заливската земја се обидува да влијае на политичките и економските одлуки на Европскиот парламент, но ваквите информации се уште не се потврдени, пишуваат  весниците „Ле Соир“ и „Кнак“.

Белгиските медиуми потсетуваат на последниот говор на Ева Каили на 21 ноември 2022 година кога зборуваше за ситуацијата во Катар во врска со Светското првенство.

Таа во Европскиот парламент одржа говор за актуелното Светско првенство во Катар. Овој спортски настан го опиша како доказ дека „спортската дипломатија може да донесе историска промена во земјата чии реформи го инспирираа арапскиот свет“. Таа рече и оти Катар е пионер кога се во прашање работничките права.

На оваа информација синоќа реагираа група социјалисти и демократи во ЕП, кои изјавија дека се „згрозени од обвинувањата за корупција во европските институции“. Групата нагласува дека има нулта толеранција за корупција.

Меѓу приведените, според наводите на медиумите, се и новоизбраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати Лука Висентини, како и директор на една невладина организација и асистент во Европскиот парламент.

Лука Висентини во ноември беше избран за генерален секретар на Конфедерацијата на синдикати од целиот свет, која претставува повеќе од 200 милиони работници. Тој е приведен, но се уште не е уапсен.