Силните жени имаат нешто заедничко- истрајноста кон она на што целат, храброста да одолеат на искушенијата и да одат напред! Некои создаваат можности во услови кога општествата немаат соодветен механизам, други влијаат на колективната свест преку правење на добри дела, трети умеат да обединат…

Проф. Др. Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски ги има сите овие одлики. И не, не е воопшто претенциозно! Кога ќе ја запознаете, кога ќе ја пратите во сите нејзини акции, кога ќе видите како живее и како работи, ќе ја видите и почувствувате и нејзината движечка сила. Се разбира, и таа е само човек со сите маани и доблести, но улогата на Прва дама ѝ овозможува да прави и создава, да помага и да биде слушната, а преку неа сите оние кои не се слушнати и обесправени, гласот на дечињата кои се соочуваат со тешки здравствени проблеми, жените жртви на семејно насилство… и многу други од ранливите категории…

Кога дојдовме во претседателската резиденција, нѐ пречека со широка насмевка, облечена сосема едноставно, па дури и на овој начин го демонстрираше нејзиниот одмерен стил за кој многу се зборува. Срдечна, непосредна, отворена за комуникација на секоја тема… и знаевме дека ќе имаме убаво новогодишно интервју кое го даде само за Женски Магазин

* Изминатава година (за разлика од претходната кога коронавирусот сѐ уште земаше силен замав) имавте многу повеќе општествени активности во кои несебично дававте поддршка. Вие сте можеби една од ретките сопруги на наши претседатели која неуморно се залага за различни права како и ненаметливо покажување и на вашата хумана страна, која како што е дел од вашата личност, така е и дел од вашата примарна професија. На кои активности сте особено горди?

– Секој ангажман со кој можам да помогнам некому, го прифаќам и со задоволство учествувам во секоја активност што знам дека макар и минимално ќе придонесе за подигање на јавната свест за деликатни и запоставени теми, ќе изроди успешна приказна, ќе помогне некому, па дури и ќе донесе насмевка на нечие лице. Неблагодарно е да ги набројувам сите активности, хуманитарни акции, проекти и кампањи, кои искрено ја добиле мојата поддршка.Кога би морала да издвојам, би ги посочила активностите кои се однесуваат на децата, ранливите категории на граѓани и маргинализираните групи, на кои, впрочем, најмногу им е потребна нашата помош и поддршка. Еднаквите можности за жените, спречувањето на родово базираното насилство, подобрување на здравствените услуги за лицата со ретки болести и лицата во социјален ризик, подобрување на квалитетот на живот и инклузија на децата со атипичен развој, се области за кои сметам дека мора да дадеме максимален придонес и како држава и како поединци.

Свесна сум дека чекорите што ги правиме можеби се мали, но доколку не бидеме упорни и истрајни и не продолжиме да се обидуваме, не можеме да се надеваме на позитивни општествени промени. Навистина ме радува што мојата отвореност за соработка од многумина беше препознаена и прераснува во еден изграден и стабилен партнерски однос со многу домашни, но и меѓународни организации.

* Како ја гледате македонската жена од денешна перспектива? Дали еволуирала, дали е способна да се избори за своите права, дали може да го подигне гласот и гласно да каже „Не“ или „Да“, а да не биде осудувана?

– Македонската жена денеска ја гледам како посамоуверена, посилна и понезависна, со свој став, глас и принципи, ги следи своите цели и одлучно и самостојно ја креира својата судбина.

Мораме да признаеме дека иако помалку бројни, жените во политиката дадоа суштински придонес во многу политички иницијативи и законски проекти. На полето на стопанството денес сме сведоци на постоењето на многу успешни компании раководени од жени кои ја внесуваат својата креативност во производството и создаваат препознатливи македонски производи. Последниве години го охрабруваме и економското јакнење на жената во руралните средини и нејзиното поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики.