Илон Маск тврди дека го купил Твитер за да му „помогне на човештвото“. Во твит Маск рече дека не ја купил фирмата „за да заработам повеќе пари. Го направив тоа за да се обидам да му помогнам на човештвото, кое го сакам“.
Во твитот упатен до огласувачите на Твитер се наведува дека тој ја „стекнал“ фирмата.
Претходно неделава Маск објави видео на кое влегува во седиштето на Твитер носејќи мијалник, што ги зголеми шпекулациите за неговите цели за компанијата.
„Влегување во седиштето на Твитер – пуштете го мијалникот внатре!“, напиша Маск.
На жаргонски јазик „кујнски мијалник“ значи „недискриминирачки“.
Маск рече дека на страницата на социјалните мрежи ѝ се потребни значителни промени, а откако ја презеде компанијата, отпушти неколку директори и најави дополнителни отпуштања, пренесува Ројтерс.
Меѓу новоотпуштените се извршниот директор на Твитер, Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и шефицата за правни прашања и политика Видзаја Гадеа.
Маск пред тоа го обвини претходното раководство дека ги довело во заблуда него и инвеститорите за бројот на лажните профили на платформата.
Откако го презеде Твитер, Маск објави дека сака да ги „победи“ спам-ботовите и да ги стави на јавно располагање алгоритмите што одредуваат како содржината им се презентира на корисниците и да спречи платформата да стане место на омраза и поделби.
Засега Маск не даде детали како ќе го постигне сето ова и кој ќе ја води компанијата.
Твитер во април ја прифати понудата на Маск од 44 милијарди долари, но оттогаш имаше несогласувања и меѓусебни обвинувања меѓу компанијата и Маск.