Британските министри за финансии и надворешни работи Џереми Хант и Џејмс Клеверли ќе останат на функциите, објави денеска новиот премиер Риши Сунак.

Тој почна да именува членови на својот кабинет веднаш откако денеска стапи на должност. Сунак соопшти дека министерка за внатрешни работи ќе биде Суела Брејвермен, која поднесе оставка на функцијата пред една недела, додека премиерка сè уште беше Лиз Трас.

Во владата на Сунак нема да има многу од досегашните министри, од кои некои сами поднесоа оставки, додека други беа сменети денеска од новиот премиер, наведува Би би си.

Министер за правда ќе биде Доминик Раб поранешен шеф на дипломатијата (од 2019 до 2021) и министер за Брегзит во 2018 година.

Поранешната министерка за одбрана Пени Мордант, која беше главен ривал на Сунак за претседател на владејачката Конзервативна партија, останува лидерка на владејачкото мнозинство во долниот дом на Парламентот.

Министер за финансии останува Хант, кој ја презеде таа функција пред 11 дена, на местото на Кваси Квартенг, кого Трас го смени после тринеделните превирања на финансиските пазари предизвикани од нејзиното ветување дека значително ќе ги намали даноците.

Сунак, со потекло од Индија, е прв британски премиер кој не е белец и е најмлад лидер на таа земја во повеќе од 200 години. Тој денеска стапи на должност.

Сунак вчера беше избран за лидер на Конзервативната партија како единствен кандидат кој обезбеди поддршка од над 100 пратеници од партијата, колку што се неопходни за кандидатура.

Лиз Трас поднесе оставка по само шест недели на функцијата, откако нејзината економска програма ги наруши финансиските пазари, ги зголеми животните трошоци за гласачите и разбесни голем дел од нејзината партија.