Во рамки на Преспа форумот за дијалог се одржа сесија насловена “Европскиот мировен проект во Западен Балкан”, чиј домаќин беше Првиот заменик претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби.
Првиот потпретседател на Владата, Груби истакна дека од следната година ќе се здружат силите со Министерството за надворешни работи и преку ребрендирање на форумот во “Peace Forum Dialogue“ ќе се вклучат во една заедничка конференција за остварувањата на Охридскиот договор со надеж дека дотогаш ќе се заокружи и договорот за добрососедство со Бугарија.
“Денешниот форум се одржува во клучни околности за привршување на нашиот пат на помирување, во последните денови од билатералниот дијалог, кој повторно го олеснуваат поддржувачите на нашата земја”, рече меѓу другото Груби.
Во продолжение целиот говор:
Почитуван домаќинe на Преспа Форум дијалог, министер за надворешни работи, г. Бујар Османи,
Почитувани министри за надворешни работи на Грција и Хрватска, г. Дендиас и г. Радман,
Почитуван г-дин Наваро, г-дин Лајчак, г-дин Ле Рој, г-дин Кјучук и г-дин Хани
Почитувани претставници на институциите од земјата, претставници на медиумите,
Почитувани гости, дами и господа,
Ме радува фактот што денес повторно се собираме во Охрид, за да продолжиме да работиме врз успехот на првата конференција организирана минатата година.
Верувам дека од следната година ќе ги здружиме силите со Министерството за Надворешни Работи и преку ребрендирање на форумот во “Peace Forum Dialogue“ ќе ги вклучиме во една заедничка конференција и рефлексиите за Охридскиот договор, со надеж дека дотогаш ќе го имаме заокружен и договорот за добрососедство со Бугарија.
Сето ова ќе ја заокружи успешната приказна наречена Македонија вчера, Северна Македонија денес.
Таа успешна приказна извира од нашата конечна определба за помирување.
Помирување во земјата, помеѓу нас, помирување во регионот, со соседите и со нула отворени прашања со нив, помирување во поширокиот регион и помирување со семејството на кое припаѓаме, евроамериканското, евроатлантското.
Само што одлучивме да ја подадеме раката на помирување, почнавме да ги исполнуваме вредностите на еднаквоста!
Веќе не си го попречувавме еден на друг правото на образование на мајчин јазик, повеќе не ни смета колегата од другата етничка припадност на работното место, не ни сметаат имињата на училиштата на друг јазик, не ни сметаат ниту јазикот и знамето на другиот.
Минатата година заедно ја одбележавме 20-годишнината од Охридскиот договор, како заеднички успех на двете најголеми заедници заедно со помалите заедници и меѓународната заедница.
Оваа година целиме културата на помирување, решавање конфликти, градење мир да ја претвориме во Школо за млади лидери со цел да го етаблираме нашиот пример како уникатен и извозник на соживотот и просперитетот.
Но, нашето патување на помирување не завршува тука.
Го потпишавме Договорот од Преспа изменувајќи го Уставот и на светот му покажавме најдобар пример за миротворство, модел на решавање на сите спорови.
Раката на помирување со пријателската земја Грција ни ги отвори вратите на НАТО и веќе на патот кон Европската Унија воспоставивме одржливи пријателства.
Дали изгубивме нешто?
Од денешна перспектива велам дека апсолутно ништо не изгубивме, еве сме, со нови пријателства, во заедничко семејство, побезбедни, посилни, пообединети.
Почитувани,
По две големи достигнувања, меѓуетничкото помирување во земјата и надминувањето на долгогодишниот спор, за кој малкумина мислеа дека можеме да го решиме, со истиот пристап пред неколку недели го решивме спорот за автокефалноста на Православната Црква на нашата земја – Охридската Архиепископија.
Успешната приказна ја заокружуваме, со помош на нашите пријатели во демократскиот свет и со нашата посветеност.
Денешниот форум се одржува во клучини околности за привршување на нашето патување на помирување, во последните денови од билатералниот дијалог, кој повторно го олеснуваат поддржувачите на нашата земја.
Во спорот со соседна Бугарија правиме се што е во наша моќ да ги усогласиме нашите позиции и да го одблокираме нашиот пат на интеграција преку ново пријателство.
Не сме уморни, не сме разочарани, нема да креваме раце, напротив сме мотивирани да ја надминеме оваа пречка и заедно со соседите од Западен Балкан да се најдеме себеси закотвени во пристаништето на ЕУ.
Но, ова закотвување мора да биде достоинствено, со целосно почитување на идентитетските, културните и јазичните дефиниции на нашите македонски сограѓани.
Поинаку не може да биде.
Северна Македонија, оваа успешна приказна, е заедничка одговорност на сите нас, домашните сили, соседите, регионот, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, а за да добиеме полн погодок мораме да го направиме последниот чекор заедно, достоинствено.
Нашата земја е раскрсница на Западен Балкан, три од правците на оваа раскрсница се изградени и се проодни со правилни насоки, и онаа на Охридскиот договор, и онаа од Преспа, и онаа на автокефалноста, остана да биде успешно завршена само и четвртиот правец на добрососедството кој ќе не однесе дома, во Брисел.
Посакувајќи следниот пат да се сретнеме при завршена раскрсница и во семејна прослава, ви благодарам за вашето внимание.