Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска оствари средба со министерот за јавна администрација на Црна Гора, г. Мараш Дукај. Груби преку неколку фотографии од средбата на Фејсбук пишува дека двете земји имаат одлични билатерални односи, па поддршката во одлучувачките процеси меѓу двете земји никогаш не изостанала.

Целосна објава:

Ми беше задоволство да го пречекам денес на средба во Владата на Република Северна Македонија министерот за јавна администрација на Црна Гора, г. Мараш Дукај.

Разговаравме за одличната билатерална соработка меѓу нашите земји и императивот за зајакнување на нашата институционална координација кон заедничкиот евроинтегративен пат.

Го информирав министерот Дукај за цврстата проевропска определба на владеачката коалиција во нашата земја и за преземањето на клучниот чекор за усвојување на уставните измени во Собранието.

Взаемната поддршка во надминувањето на предизвиците кон европскиот хоризонт и заедничкото проектирање на прогресивната иднина е единствениот клуч на успехот што го имаме во нашите раце.