Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби информираше дека Владата обезбеди потребни финансиски средства за справување со кризата со електричната енергија како и за инвестирање во водоводните и канализационите мрежи низ општините во државата.
„Ги преземаме сите потребни мерки за обезбедување на непрекинато снабдување со електрична енергија во време на глобална енергетска криза.
На денешната седница на Владата усвоивме одлука со која на располагање на Акционерското друштво за производство на електрична енергија “Електрани на Северна Македонија” ставивме финансиски средства во износ од 3.100.000.000 денари, наменети исклучиво за зголемување на количините на производство на електрична енергија и за обезбедување на основни суровини за таа цел, како јаглен, мазут и други потребни средства.
Истотака, во фокусот на денешната седница беше и важноста од инвестирање во водоводни и канализациони мрежи низ општините во државата, при што го усвоивме текстот на Предлог Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската инвестициона банка во рамки на Финансискиот договор за проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија, со кој ќе се обезбедат 50.000.000 евра капитална инвестиција“, напиша Груби на социјалните мрежи.