Џиновски проект за директно електрично поврзување на Грција со Австрија и Германија со далновод преку Албанија и Западен Балкан им предложи грчкиот министер за животна средина и енергетика Костас Скрекас на своите европски колеги. Преку него, Грција на овие земји ќе им продава зелена енергија произведена од обновливи извори на енергија.
„На моите колеги во Австрија и Германија им презентиравме предлог за изградба на електрична интерконекција што ќе ја поврзе Грција преку Албанија и другите земји на северот, со Австрија и јужна Германија. Станува збор за нова линија која првично ќе биде 3 GW, а подоцна ќе пренесува до 9 GW електрична енергија“, изјави Костас Скрекас, грчкиот министер за животна средина и енергетика.
Грција е 8-ма земја во светот по обновливи извори на енергија и пред само две недели тие ги покриви потребите за електрична енергија на целата земја за околу пет часа, поставувајќи нов рекорд во производството на 3.106 мегават часови (MWh) електрична енергија.
Исто така, грчкото Министерство за енергетика соопштува дека започнало со реализација на проект од 10 милијарди евра, за речиси двојно зголемување на капацитетот на електричните врски на Грција со Бугарија, Северна Македонија и Италија и трипати повеќе со Албанија.
„Тоа е над 10 милијарди евра, ја удвојуваме електричната интерконекција со Бугарија од 2 на 4 GW, до средината на 2023 година оваа работа ќе биде завршена“, изјави Костас Скрекас.
Оваа иницијатива вклучува и проекти за електрично поврзување на земјата со Кипар и Египет со цел да се пренесе зелената енергија во Грција, а потоа да се извезува во Европа.