Полициските службеници на СВР Tетово деновиве значително ги засилија планираните активности во чие средиште се лицата кои ги управуваат возилата без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа. Само вчера и завчера (12 и 13 јуни) на поширокото тетовско подрачје биле откриени и санкционирани 16 лица без возачка дозвола, на кои веднаш им се изготвени соодветни поднесоци, како и на сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека немаат положено возачки испит, информираа денеска од СВР Tетово.
И едните и другите ги очекува парична глоба од 250 евра во денарска противвредност. Станува збор за лицa на возраст од 18 од 45 години кои претежно управувале патнички моторни возила и мотоцикли.
Во минатиот месец (мај) на тетовското подрачје евидентирани се вкупно 116 лица без возачки дозволи, на кои изготвени им се законски предвидените поднесоци.