ВМРО-ДПМНЕ утрово обвини дека главниот финансиер на бугарските културни клубови во земјава ја посетил Владата додека премиер беше Зоран Заев.
-Милен Врабевски, за кој медиумите пишуваат дека е главен финансиер на фашистичките клубови Ванчо Михајлов и Цар Борис беше главен гостин во владата на Заев. Луѓе околу Заев се луѓето кои ги отвораат фашистичките клубови, тоа и самиот Заев го има кажано јавно на бугарска телевизија. Дали СДСМ ќе се огради од Заев, зошто ако не се оградат, тие се само продолжување на неговата политика, која гледаме дека верно ја следат, прашаа од „Белата палата“, објавувајќи фотографија.
Претходно од СДСМ го прашаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски која е неговата поврзаност со претседателот на клубот во Охрид, Томе Блажевски, откако се појавија слики на социјалните мрежи како двајцата се видени заедно.
Само четири дена пред одбележувањето на државниот празник на Северна Македонија, Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор, беше отворен културен центар во Охрид под името „Цар Борис Трети“.
Поради името на културниот центар се одржаа и протести, предводени од партијата Левица.