Минхенскиот дневен весник Зидојче цајтунг вчера објави коментар на Флоријан Хасел под наслов „Србија игра деструктивна улога“
Германските медиуми ја гледаат „деструктивната улога на Србија“ на северот на Косово, а во однесувањето на Александар Вучиќ препознаваат „систематско разгорување на конфликтот“ и „континуитет со воените деведесетти“ и предупредуваат за улогата на Русија, пренесува Дојче веле.
Минхенскиот дневен весник Зидојче цајтунг вчера објави коментар на Флоријан Хасел под наслов „Србија игра деструктивна улога“.
Авторот потсетува дека претседателот на Србија наредил борбената готовност на армијата да се подигне на највисоко ниво, но дека тоа не треба никого да импресионира. Во коментарот се споменува и потпишувањето на Бриселскиот договор, за кој авторот тврди дека требало да биде историски договор, но се покажало дека е „историска грешка“ која е пречка и за регионот.
Зидојче цајтунг жестоко ја критикува српската политика и српските медиуми
„Наместо да ја принудат Србија да ја признае независноста на Косово како компромис за членство во Европската Унија, ЕУ и германската влада поддржуваат скапан компромис. Белград не мораше да го признае Косово и може под претседателот Вучиќ да избегне соочување со често насилното блиско минато во поранешна Југославија, може за свои цели да манипулира со српското малцинство во Косово и до ден денес да игра на картата на наводно прогонетите Срби на Косово.
Тоа што Вучиќ ја подигна борбената готовност на полицијата и армијата на највисоко ниво, не треба никого да импресионира – тоа не е ништо повеќе од популистички маневар за домашната публика. Таа го поддржува Вучиќ пред се затоа што државните медиуми, како и провладините весници со години се преплавени со антиамериканска, антиевропска и проруска пропаганда.
Косовскиот премиер Албин Курти одбива да ја спроведе заедницата на српските општини и градови, договорена со Бриселскиот договор од 2013 година и добро е што го прави тоа. Поради деструктивната улога што Белград со години ја игра во управувањето со Србите кои живеат на Косово, косовските Албанци со право се плашат од неможноста да владеат со сопствената земја – начинот на кој Босна и Херцеговина е веќе парализирана.
И таму Москва и Република Српска го бојкотираат функционирањето на заедничката држава, што би ја доближило до демократијата и Европската Унија. Во случајот со Русија, европската политика доцнеше, но беше преориентирана. Во случајот со политиката кон Косово и Србија, тоа – за жал – досега не е на повидок“, пишува Зидојче цајтунг.
И веб-страницата на Првата програма на германската телевизија (АРД) дава поопширен извештај за конфликтот меѓу Белград и Приштина. Во него детално се објаснува праисторијата на сегашната ескалација – од регистарски таблички, преку барикади и пукотници и реакцијата на официјален Белград и Приштина.
На крајот, авторот Оливер Сос заклучува:
„Европската Унија им претстави на српската и на косовската влада ‘германско-француски предлог’ за нормализација на односите. Таа предлага Србија да не мора да биде принудена да ја признае независноста на Косово. Сепак, Србија ќе мора да прифати дека Косово ја врши власта автономно на нејзината државна територија. Но, се чини дека тие обиди за приближување станаа далечна цел поради многуте инциденти во изминатите недели“.
ФАЗ: Можен е вооружен конфликт
Весникот Франфуртер алгемајне цајтунг (ФАЗ) објави коментар потпишан од Рајнхард Везер. Насловот гласи: „Екстремно опасна ситуација“:
„Дури и пред српската армија да биде ставена во целосна борбена готовност, ситуацијата на Косово беше исклучително опасна. На северот на Косово, претежно населен со Срби, тензијата расте толку многу со недели што се чини дека вооружен конфликт меѓу Албанците и Србите е можен. Во ескалацијата учествуваа и двете страни. Од двете страни беа донесени одлуки кои другата страна ги сфати како провокација. Сепак, евидентно е дека, пред сè, српскиот претседател Александар Вучиќ систематски го подгрева конфликтот. Тоа би личело на него ако сака само да игра ризична игра за моќ. Но, настана ситуација која лесно може да излезе од контрола“.
Потоа авторот предупредува дека Русија може да има корист од овој конфликт:
„Пожар во област која е целосно опкружена со територијата на Европската Унија и НАТО би создал значителни проблеми за Западот. Конфликтот на северот на Косово несомнено е поттикнат од локална динамика. Но не е претерано да се претпостави дека Москва малку го разгорува тој оган. Западот сега мора брзо да направи се за да ја смири ситуацијата. Има можност за влијание. На крајот на краиштата, Србија е економски многу повеќе испреплетена со Европската Унија отколку со Русија“, заклучува ФАЗ.
Аналитичарот на Билд: Потегот на Вучиќ е опасен
Најголемиот германски таблоид „Билд“ му даде збор на експертот за Балканот од Институтот за истражување на Источна и Југоисточна Европа од Лајбниц, д-р Конрад Клевинг.
„За мене, за жал, постои причина да стравувам од можна ескалација на северот на Косово. Мора да се признае, критичарите на властите во Белград во сето ова гледаат обид да се одвлече вниманието од економската криза во земјата. Но, прогласувањето целосна борбена готовност сè уште е опасно“,
изјави овој аналитичар за дневниот таблоид Билд.
На крајот, Клевинг укажува на интересен аспект од начинот на подигнување на борбената готовност:
„Во еден важен момент, на крајот на краиштата, се покажува дека српските институции структурно и идеолошки се во длабок континуитет со воените деведесетти, со оглед на тоа што целосната борбена готовност се однесува на армијата, полицијата, жандармеријата и разузнавачката служба. Сите тие со одлука на министерот за внатрешни работи се ставени под команда на Генералштабот на армијата“, забележува Билд.