Поради војната во Украина, германското Министерство за внатрешни работи презеде нови мерки за поголема кибербезбедност. Како што беше презентирано на прес-конференција, новите мерки вклучуваат воведување централен систем за видеоконференции за јавната администрација, кој би одговарал на највисоките безбедносни стандарди.

Во Федералната служба за безбедност на информатичката технологија (БСИ) ќе се формира платформа за размена на информации за кибернапади. Дополнително, планирани се инвестиции и во така наречените мерки за кибер отпорност на малите и средни претпријатија, доколку припаѓаат на критична инфраструктура, како што се областите транспорт, храна, здравство, енергија и водоснабдување.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер изјави дека се планира и модернизација на ИТ инфраструктурата на Федералната служба за заштита на Уставот, која ќе добие и поголема надлежност во истрагата за техничките околности на кибернападите од странски сили.

– Саботажата и дезинформацијата имаат за цел да го загрозат функционирањето на нашите системи, нашата економија, се наведува во документот на германското Министерство за внатрешни работи./МИА/

The post Германија ја зајакнува кибербезбедноста appeared first on ПРВА ЛИНИЈА.