Француската влада е подготвена да интервенира за да го прекине повеќенеделниот штрајк во рафинериите за нафта, поради кој третина од бензинските пумпи во земјата останаа без гориво, објавија денеска владините министри.

Штрајкот на работниците во рафинериите врши притисок врз владата на претседателот Емануел Макрон, бидејќи зголемената инфлација доведе до повисоки сметки за домаќинствата, па премиерката Елизабет Борн во понеделникот одржа кризен состанок за да го реши недостигот на гориво, пренесува Ројтерс.

– Мора да постигнеме договор во следните часови. Нашите сонародници не смеат да бидат колатерални жртви – изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер за Радио Франс. И Ле Мер и портпаролот на француската влада Оливие Веран посочија дека владата може да интервенира за да ги прекине блокадите.

Веран рече дека владата може да наметне должност на персоналот да ги прекине блокадите на складиштата за бензин и може повторно да ги искористи стратешките резерви на гориво во земјата доколку е потребно.

Повеќе од 60 отсто од францускиот капацитет за рафинирање нафта беше затворен поради штрајкот, што доведе до зголемени цени на дизелот и ја принуди земјата да го зголеми увозот на гориво.

Индустриската акција, предводена од францускиот синдикат CGT, главно ги зафати рафинериите и магацините на француската нафтена компанија Total Energy, но и погоните на американскиот гигант Exxon Mobile во Франција.

Се чини дека на повидок е крајот на штрајкот во француската филијала на американската нафтена компанија бидејќи продолжуваат преговорите меѓу менаџментот и синдикатот, додека ситуацијата во Тотал енерџи се уште е во ќорсокак, наведува британската агенција, пренесе Танјуг.

– Има само еден излез, а тоа е да се прекине штрајкот – рече министерот за транспорт Клеман Бон, додавајќи дека Владата ќе побара од „Тотал енерџи“ уште неколку дена да ја продолжи шемата за попуст за цените на горивата.