Денеска е формирана Комисија за вршење на стручен надзор во врска со примената на методот на хемофилтрација при лекувањето на пациенти со ковид-19 во ПЗУ Клиничка болница „Жан Митрев“, информира Владата по денешната 63-та седница. Министерството за здравство (МЗ), пак, ќе направи анализа на добиените извештаи по што ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности согласно законските овластувања.
Формирана е Комисија за стручен надзор во врска со примената на хемофилтрација кај пациенти со ковид-19 во „Жан Митрев“
Покрај тоа, Владата ја разгледа и усвои Информација на МЗ за преземените активности во врска со сторијата на ИРЛ што се емитуваше на МТВ во неделата.
„Според Информацијата, на 18 јули 2022 година (понеделник), е доставена ургенција до Лекарската Комора по однос на доставеното барање да се изврши стручен надзор за лекувањето на пациентот Никола Брезев (како дел од сторијата) од ден 27 септември 2021 годинаа, а врз основа на доставената иницијатива за стручен надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ)“, велат од Владата.
Министерството за здравство притоа ја информирало Владата дека било побарано од ДСЗИ да изврши вонреден инспекциски надзор во ПЗУ „Клиничка болница Жан Митрев“, во однос на спроведувањето на одредбите од задолжителното пријавување на интрахоспиталните инфекции, како и примената на одредбите од Законот за евиденции во областа на здравството како и комплетен инспекциски надзор согласно законските овластувања на инспекторатот. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат бил побаран и извештај за спроведените редовни и вонредни инспекциски надзори во приватните болници во Република Северна Македонија за период 2019 година до јули 2022 година. „Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, како надлежна иснтитуција согласно Законот за лекови и медицински средства за постапката за спроведување на клинички испитувања за лекови/медицински средства, беше побарано да се направи инспекциски надзор по однос на почитување на одредбите од Законот за спроведување на клиничките испитувања за примената на хемофилтрацијата при третман на пациенти со ковид-19“, известуваат од Владата.
Оттаму информираат дека ДСЗИ во текот на вчерашниот ден (19 јули) го доставил извештајот за спроведените редовни и вонредни инспекциски надзори во приватните болници од почетокот на 2019 година до јули 2022 година. Во посочениот период, како што се наведува во извештајот, биле направени биле 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во вкупно 12 приватни болници во државата при што биле издадени 11 решенија за констатирани недостатоци во надлежност на Инспекторатот.