Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави предизвикот за воспоставување лабаратории за истражување, креирање и иновативност – MAKERSPACE, преку кој ќе се инвестира во развој на иновациска инфраструктура и ќе се овозможи технички услови за усовршување на средношколците и младите.
Предизвикот за воспоставување на лаборатории за истражување, креирање и иновативност – MAKERSPACE има за цел на младите креативци од 15 до 29 години да им овозможи бесплатен пристап до современи технологии и опрема, каде ќе можат младите да работат на реализација на своите иновативни идеи. Во лабараториите, на корисниците ќе им биде обезбедена и менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение, кое ќе можат да го тестираат во лабараториска, индустриска средина или на пазарот.
“Особено е значајно во динамичниот свет во кој живееме, младите, учениците и студентите да стекнат вештини и знаење но и можност истото тоа знаење на креативен и аналитички начин да можат практично да го применат во насока на изнаоѓање нови решенија на постојните и претстојните проблеми. Предизвикот MAKERSPACE е токму тоа што му треба на образовниот процес, простор кој е отворен за млади креативци и содржи широк спектар на опрема – како вистински инкубатор на знаење и технологија. Верувам дека заеднички, со помош на академскиот кадар, граѓанскиот сектор и иновативните компании, а пред сѐ, поддржувајќи ја иновативноста и креативнста кај младите, ќе успееме да создадеме уште многу успешни приказни” истакна Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Халили додаде дека предизвикот MAKERSPACE претставува продолжение на предизвикот FAB LABS кој претставуваше пилот проект и преку кој создадовме механизам за воспоставување и поддршка на ваков тип на лаборатории. Преку овој предизвик, ФИТР со финансиска поддршка од 12 милиони денари ги поддржа трите проекти: ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ ШТИП, кои веќе ги воспоставија своите лабаратории и овозможија младите да работат на своите иновативни решенија.
Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 20 милиони денари, од кои Фондот обезбедува 90% од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 5 милиони денари по проект, додека преостанатите 10% обезбедува апликантот. Обезбеденото кофинансирање може да биде и во форма на парично кофинанисрање и/или во форма на in-kind учество. Времетраењето на проектот треба да биде до 18 месеци.
Процесот на селекција и избор на проекти се одвива во неколку чекори: административна проверка на доставените документи, прва оцена на предлог-проектите (претселекција) и селекција на најдобрите предлог проекти од страна на Комисијата за оценување и избор.
Доставените предлог проекти ќе бидат оценувани врз основа на критериумите за оценување: квалитет на предлог проект, квалитет на предложена програма, квалитет на проектниот тим, влијание, обезбедено дополнително финансирање, вмрежување, промоција и одржливост.
Во рамките на предизвикот, апликантите треба да понудат предлог проекти за воспоставување на лабараторија за производство MAKERSPACE во простории кои се наоѓаат во рамките на високо-образовните или научни-истражувачките установи и ќе претставуваат простор за соработка помеѓу академијата, индустријата и граѓанските здруженија – таканаречен четворен хеликс систем.
Рокот за поднесување на предлог проекти трае до 31.10.2022 година, а за заинтересираните апликанти Фондот ќе организира инфо сесии на кои детално ќе ги презентира условите на јавниот повик и потребните документи за аплицирање. Повеќе информации на следниот линк: https://fitr.mk/predizvik-маkerspace