Словенија ќе направи се да не се загрозат билатералните односи во пристапувањето и државата непречено да продолжи на овој пат и македонскиот јазик да не биде загрозен, рече министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.

Заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон при денешната посета на Скопје упати честитки за, како што рече, историскиот успех со отворањето на пристапните преговори за членство во Унијата.

„Свесна сум дека ова беше болен и тежок пат, односно одлуката е многу важна. Останува Република Северна Македонија да направи се за луѓето, да се започне тешок процес на реформи и тоа не е задача само за Брисел, туку за цела Македонија“,

рече Фајон на заедничката прес конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.Таа додаде дека ја поддржува Северна Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ, како цел која е реална.

„Ако сите граѓани бидат на тој пат, Словенија ќе го поддржува. Важно е да бидеме свесни дека пристапните преговори се започнати. Словенија ќе направи се да не се загрозат билатералните односи во пристапувањето и државата непречено да продолжи на овој пат и македонскиот јазик да не биде загрозен. Договорот со Фронтекс е доказ, каде македонскиот јазик ќе биде приоритет. Ако направам компарација, и ние имавме болни искуства, моравме да донесеме тешки компромисни улоги но ја достигнавме целта. Ќе бидат потребни многу напори, секако Извештајот јасно кажа кои се тие проблематични точки каде што мораме повеќе да се концентрираме“,

додаде Фајон.Таа, исто така, додаде дека повеќе од 40 отсто од законодавството на земјава е усогласено со европското, што покажува дека Северна Македонија ќе биде успешна на тој пат.

Министерот Османи рече дека една од темите на разговор со министераката Фајон биле евроинтеграциите на Република Северна Македонија.

„Влеговме во последното поглавје или во последната фаза пред членството во ЕУ, а тоа е почетокот на преговорите со одржување на првата меѓувладина конференција на 19 јули кој и Европската комисија во последниот извештај го оцени како историски момент кој што отвори една нова динамика на односи и тука ќе биде особено важно словенечкото искуство и поддршката во нашиот процес на  преговори“,рече Османи.

Тој додаде дека ја информирал министерката дека структурата е веќе формирана, дека скринингот е почнат и за тоа дека интензивно нашите екипи се во Брисел и ги претставуваат досегашните резултати.

„И Извештајот покажа дека Република Северна Македонија почнува од една добра стартна позиција, а не од нула како што би било теоретски во секој почеток на преговорите. Ние веќе половина пат имаме поминато чекајќи да се надминат одредени политички прашања. Разговаравме за овој аспект како словенечкото искуство ќе ни помогне на нас да ги оствариме тие цели што ги имаме до 2030 година да станеме членка на ЕУ, меѓутоа побарав и поддршка целиот процес на преговори да се концентрира на прашања кои се однесуваат на реформи поврзани со ЕУ, а Словенија секогаш имала недвослисмислен став во однос на тоа дека овој процес треба да биде заснован на европските принципи и вредности“,додаде Османи.

Министрите разговарале и за партнерството во НАТО и споделиле констатација дека Република Северна Македонија многу брзо по нејзиното членство станува навистина додадена вредност не само за НАТО, туку и важен НАТО партнер во регионот придонесувајќи во регионалната стабилност посебно во овој тежок геополитички контекст.

Исто така, министрите разговарале и за билатералната соработка.

„Трендовите на трговската размена се позитивни. Поставивме цел, а тоа е 500 милиони евра трговска размена на годишно ниво со Словенија. Активирањето на бизнис клубот помеѓу словенечките и нашите компании ќе биде додатен поттик“,рече Османи и додаде дека претставува особено задоволство што македонските компании придонесуваат со 30 милиони евра инвестиции.

Двајцата шефови на дипломатијата говореле и за претседавањето со ОБСЕ на Република Северна Македонија, околу подготовките и приоритетите во овие историски моменти.

„Во делот на поддршката во мултилатералните односи имаме добра традиција на меѓусебна поддршка во различни форми“,додаде министерот Османи и заклучи дека средбата била плодна и успешна, во интерес на граѓаните од двете земји.

Фајон посочи дека цела Европа е погодена поради војната во Украина и затоа сите држави мора да бидат солидарни.

„Како што е тешко за македонскиот народ да се справи со високите цени, дали ќе имаат топол дом и дали ќе имаат да купат храна, така е и за словенечкиот народ. Дел од европскиот процес е и солидарност. ЕК ќе донесе одлука и ќе помогне, а дел од помошта ќе биде наменета за земјите од Западен Балкан“,посочи Фајон.

Во однос на мултилатералните односи, вели дека има голема поддршка, бидејќи поради војната настојуваат да се задржи мирот и безбедноста, да не се загрози меѓународното право и мир. Додаде дека ставовите се идентични, и Северна Македонија одлично ги приспособи санкциите и осудата на војната во Украина.