Русија и Турција постигнале договор бесплатно да им испорачуваат жито на земјите на кои тоа им е потребно, вклучувајќи ги Џибути, Сомалија и Судан, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Претседателот на Русија Владимир Путин за време на нашиот телефонски разговор ми кажа дека треба да испраќаме жито бесплатно во земјите вклучувајќи ги Џибути, Сомалија и Судан. Се сложивме“, кажа Ердоган во телевизиско обраќање, а пренесуваат турските агенции.

„Се договоривме за тоа подетално да разговараме на самитот Г20“ во Индонезија. „Ќе обезбедиме бродовите со житарки да стигнат до сите земји на кои им е потребно, особено до Сомалија, Џибути и Судан, кои се борат со сериозна криза со храна и глад“, кажа Ердоган.

Русија оваа недела се врати во договорот за житото кој овозможува украинскиот извоз да мине низ Црно Море.

Договорот постигнат во јули, со посредување на Обединетите нации и Турција, би требало да биде обновен на 19 ноември, три дена по завршувањето на самитот Г20 на Бали, но Кремљ сè уште не потврдил дека ќе се согласи на тоа.

Украина, еден од најголемите светски извозници на житарки, беше принудена да ги прекине речиси сите испораки откако Русија ја изврши инвазијата на таа земја на 24 февруари.

Путин инсистира дека житото оди главно во европските земји, а не во посиромашните нации.