На 07.07.2022 г. (недела) околу 9.30 часот наутро на граничниот премин Табановце, автобус на компанијата „Domino Line“ беше запрен од граничната полиција при превоз на патници од Пореч (Р. Хрватска) до Гостивар. Од надлежните беше побарано автобусот да помине на скенер 2 пати при што беше пронајдена нелегална стока – злато во вредност од околу 600.000 евра, а двајцата возачи и автобусот беа задржани од надлежните на граничниот премин Табановце, информираат патниците кои биле во самиот автобус.

Патниците, околу 50-тина, меѓу кои и мајки и деца, според нивни тврдења, се оставени околу 5 часа на асфалт и на сонце на граничниот премин чекајќи Domino Line да преземе одговорност и да ги транспортира до потребните дестинации во државата.

По неколку јавувања во компанијата од повеќе патници барајќи да ни испратат друг автобус, околу 5 часа подоцна се појави претставник од компанијата, а за кратко време и возач возејќи автобус на Руле Турс со којшто конечно се одважија и не донесоа до крајните дестинации. Од претставникот на компанијата добивме вербално извинување и како што посочија – сé што можат да направат за да ги надоместат непријатностите е да ни дадат бесплатни карти следниот пат кога ќе сакаме да патуваме со Domino Line. Се прашуваме, кој здраворазумен човек по вакво филмско искуство повторно би се превезувал со истата компанија?!? Односот на компанијата Domino Line во оваа ситуација беше крајно несериозен, како и за ризикот на кој ги изложуваат патниците со вакво криумчарење на нелегални стоки, а кои уредно си платиле карти со цел безбедно да стигнат до посакуваната дестинација. Па така, немаше никаков обид од нивна страна да стапат во контакт со било кој од патниците (иако ги имаат сите телефонски броеви од истите) за да прашаат во каква состојба сме и што ни е потребно, туку оставија сами да телефонираме и да се објаснуваме со нивни службеници кои еднаш рекоа дека не се запознаени со случајот, друг пат дека се обични службеници и немаат никакви ингеренции, па дека испратиле автобус по нас, но не знаат кога ќе стигне итн“, велат тие.

Според патниците, ова е сериозно кривично дело од страна на вработени во компанијата и ќе ја бараат секоја правна помош за обештетување за крајно непријатната ситуација.

„Исто така, сакаме да испратиме апел до сите превозници, а и до надлежните, особено во овие високо-фреквентни периоди, да вршат почести контроли и секое вакво однесување од страна на компанија којашто треба да ја гарантира безбедноста на патниците да биде најстрого санкционирана, патниците соодветно обештетени, со надеж дека вакво нешто нема никогаш да се повтори“, истакнуваат дел од патниците.