Вечерва после 19 часот започна десетиот протест против францускиот предлог-преговарачка рамка, на кој се бара Владата да не го прифати.

Протестот е организиран под мотото „Ултиматум – не благодарам“ со поддршка на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Како и вчера, протестниот марш ќе помине покрај плоштадот „Скендербег“ и покрај зградата на МНР, се до крајната цел – Собранието.

Дел од протестите денеска е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со најтесното партиско раководство, како и дел од градоначалниците кои доаѓаат од најголемата опозициска партија.

Протестната поворка е проследена со тапани и патриотски песни, а постојано е набљудувана од засилено полициско обезбедување.

Поради инцидентите што се случија минатата недела кај плоштадот „Скендербег“, има голем број полициски специјалци во овој реон од градот.

Утре протестот ќе се одржи во 12 часот, пред почетокот на собраниската седница, на која ќе се расправа за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка што ја достави Владата.