Се сеќавам на мојата последна посета на Скопје и на се што ветив, вклучувајќи го и тоа дека вашиот јазик во ЕУ ќе се нарекува македонски и дека ќе почне скрининг процесот со Македонија. Тоа што ветив го исполнивме- рече Лајен.
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, на прес конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски вечерва рече дека се сеќава на последната посета на Скопје и на се што ветила притоа, вклучувајќи го и тоа дека нашиот јазик во ЕУ ќе се нарекува македонски и дека ќе почне скрининг процесот со Македонија.
„Тоа што реков, испорачавме“, рече Фон Дер Лајен, порачувајќи дека не треба да има сомнение дека ќе остане така и натаму и дека Македонија ќе оди напред на европскиот пат. Според неа восхитувачки е со каков ентузијазам го прифативме процесот и колку сме решени со истата брзина и посветеност да продолжиме со реформите.
Таа зборуваше потоа за солидарноста и единството на ЕУ околу војната во Украина и енергетската криза.
„Мојата порака е јасна – ЕУ е со вас“, рече Лајен најавувајќи 80 милиони евра грант за итно справување со кризата во Македонија ( од 500 милиони евра помош за регионот), со најава дека „уште ќе дојдат“. Друга финансиска помош ќе биде обезбедена преку т.н. економски и финансиски план и преку инвестиции во енергијата. „Ќе купуваме гас на светскиот пазар заедно, со нас а не како Македонија“, рече претседателката на ЕК.
„Јас сум длабоко уверена дека ќе го остварите сонот на младите генерации во Македонија“, порача таа на крајот мислејќи на остарувањето на членството во ЕУ, со поздрав на македонски јазик „благодарам“.
Премиерот Ковачевски прецизираше дека првата транша со помош се состои од 80 милиони евра буџетска поддршка која ќе може да се повлече од јануари. Според него, тоа нема да биде единствената помош туку ќе има и други, не само во грантови туку и во финансирање на нови извори за енергија и капитални објекти за стабилизирање на производството на електрична енергија.
Премиерот Ковачевски наедно оцени дека денес е голем ден за Македонија и за македонскиот народ бидејќи го потпишавме договорот за ФРОНТЕКС без фусноти, без звездички и без огради, на чист македонски јазик. ЕУ, рече тој, докажа дека е доверлив партнер кој се држи на ветеното.
„Претседателката на ЕК го исполни своето ветување, јас го исполнив своето. Ова е прв договор што Северна Македонија го потпишува со ЕУ и на кој стои чист македонски јазик со сите други јазици во ЕУ. Тоа е ветувањето што го дадов јас. Со договорот заеднички со ЕУ ќе се справуваме со предизвиците од миграцијата. Со денешниот чин се покажа бескрупулозноста на сите кои лажеа дека тоа нема да се случи и дека македонскиот јазик ќе се користи со фуснота и додавка, за да се поткопа довербата во институциите и во државата. Целото законодавство на ЕУ се преведува на македонски јазик и тој е рамноправно застапен со сите други јазици во Унијата. Со тоа се издигнува на врвно рамниште употребата на нашиот јазик и тоа не прави горди.
Ако јазикот е нашата татковина, а македонскиот јазик е признаен на рамноправна основа во Унијата, тогаш по членството во НАТО, со кое ги осигуравме територијата и границите на земјата, ова е второто што го осигуравме – европско и светско признание на македонскиот јазик и идентитет – и сигурен сум дека денес и Блаже Конески би се чувствувал горд“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека по 17 години чекање почнавме преговори кои значат посигурна иднина за граѓаните, но да се стигне до тоа не било лесно.
„Тврдам дека не сум имал помачно искуство во животот, тие преговори беа тешки“, рече Ковачевски. Потоа ја повика опозицијата да се обедини околу иднината на земјата, нагласувајќи дека не смееме веќе да си дозволиме извештај на ЕК во кој се нотира блокада на Парламентот. Според него, опозицијата е должна да ги поддржи реформите и би било страшно, рече тој, ако не успејат преговорите со ЕУ поради партиски калкулации и интереси. „Ако тие тоа не го разбираат, тогаш буквално си играат со иднината на државата“, порача Ковачевски.

Претходно, договорот за ФРОНТЕКС го потпишаа чешкиот амбасадор како претставник на претседателство со ЕУ и еврокомесарката Илва Јохансон , а од наша страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Потпишувањето на договорот за Фронтекс претставува уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и Северна Македонија и ќе донесе практични придобивки, главно преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот, како што објави ЕК, е на македонски јазик и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни.
Запрашана од новинар дали очекува нов бран на мигранти во Европа, Лајен рече дека ЕУ се соочува со со тешка ситуација поради нападите од страна на Русија насочени кон цивилните цели во Украина и поради намерата на Москва да го тероризира и протера украинскиот народ од сопствената држава.Но, рече таа, ние сме подготвени за нови и уште повеќе бегалци од Украина, нагласувајќи дека околу 8 милиони луѓе веќе избегале од Украина, а од нив 4 милиони бараат времена заштита, што е енормен предизвик и огромна солидарност од страна на европските држави.
„Какви и да употреби тактики Путин, ние ќе стоиме цврсто заедно и нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Дер Лајен, мислејќи на протерувањето на Украинците од земјата и нивното останување без евентуална заштита во Европа.
По посетата на Македонија, претседателката на Европската комисија од утре ќе ги посети другите земји од Западен Балкан за да ја нагласи важноста што Европската унија му ја придава на регионот и нејзината безрезервна посветеност на неговата европска перспектива.