Министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Дендиас и Бујар Османи се задоволни од динамиката со која се развиваат односите меѓу двете соседни земји, плодната соработка во бројни сфери и проекти од заемен интерес, како и перспективата на нивното натамошно унапредување, на билатерален, регионален и мултилатерален план.
По средбата во Атина, Дендиас порача дека земјава секогаш може да смета на нивното пријателство и на нивната поддршка, а Османи рече дека односите меѓу двете земји се вистински пример за добри соседи и пример како да се гради стабилно и долготрајно партнерство, базирано на взаемна доверба и почитување.
На средбата се разговараше за договорот од Преспа и неговото позитивно влијание врз севкупните односи и соработка меѓу двете држави.
– Навистина сум задоволен што односите меѓу Северна Македонија и Грција се вистински пример за добри соседи и пример како да се изгради стабилно и долгорочно пријателство засновано на меѓусебна доверба и почит. Имаме договор за стратешко партнерство, чие доследно спроведување претставува основа за понатамошна соработка и дополнително зајакнување на нашите блиски односи, изјави Османи, додавајќи дека растот на трговската размена меѓу двете држави за 100%, е најдобар показател за новото поглавје на билатералните односи, што го овозможи потпишувањето на договорот.
Дендиас и Османи на средба во грчкјото МНР ги потврдиле одличните билатерални односи во сите области, се осврнале и на можностите за дополнително продлабочување, а уште еднаш била изразена грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја.
Во фокусот на разговорите било и претстојното претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, за што Дендиас изразил увереност дека ќе биде успешно и изразил целосна поддршка: Османи, пак, говорел за важноста на улогата на ОБСЕ за мирот и стабилноста.
Двајцата министри се осврнаа и на руската инвазија во Украина, како и на односите на Грција со Египет и Турција