Руските истражители наводно ја откриле трасата по која патувал каминот што експлодира на мостот: Бугарија – Грузија – Ерменија – Северна Осетија и Краснодар во јужна Русија

Претседателот на Русија, Владимир Путин, експлозијата на Кримскиот мост ја нарече терористички напад, чии автори, гаранти и извршители се украинските специјални служби. Претседателот на Истражниот комитет Александар Бастрикин на средбата со претседателот додаде дека во организацијата на нападот биле вклучени руски државјани и странски држави.

Според Бастрикин, истражителите ја утврдиле трасата на камионот што наводно го кренал во воздух мостот. Трасата била Бугарија – Грузија – Ерменија – Северна Осетија и Краснодар во јужна Русија.

Каналите блиски до властите на социјалната мрежа Телеграм прецизираат дека камионот по море пристигнал од Бугарија во грузиското пристаниште Поти.

Бастрикин рече и дека веќе има осомничени за нападот.

Во раните утрински часови на 8 октомври, тежок камион експлодираше на мостот што го поврзува полуостровот Крим со руското копно.

Службената влада на Бугарија соопшти дека побарале информации од службите.

„Инспекции се вршат и од Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и од Министерството за внатрешни работи. Допрва треба да видиме какви ќе бидат резултатите“, изјави за БТА портпаролот на кабинетот Антон Кутев.

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, ги дефинира зборовите на Александар Бастрикин како „лишени и од најмал кредибилитет“.

Портпаролот на ЕК коментира дека „слушаме толку многу пораки од Москва и таканаречените официјални места кои не заслужуваат никаков коментар“.

„Немаме начин да знаеме што се случи во саботата на мостот, што доведе до експлозијата, кои се причините. Го знаете кредибилитетот на толку многу таканаречени ‘истраги’ во Русија. Не би дал ни трошка доверба на она што го кажуваат“, додаде тој.

Тој додаде дека ЕУ најостро ги осудува денешните руски ракетни напади врз Украина, нарекувајќи ги сурови. Според него, тие покажуваат дека Русија прибегнува кон недискриминирачки напади врз цивилни цели – што е во спротивност со меѓународното право.

Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, партија што победи на парлементарните избори, изјави дека зборовите „бугарска врска“ имаат лош вкус.

„И за време на нападот на папата се зборуваше за бугарска врска, а тој самиот подоцна рече дека тоа не е вистина. Овој камион се движел низ пет земји, многу време. Јасно е дека бомбата не била натоварена овде, бидејќи не може да помине граници, некаде самата ќе експлодира“, рече денеска тој.

„Да сум на местото на руските служби, мене повеќе би ме интересирало каде е натоварен камионот и која е причината за експлозијата. Тоа е најважното… Сега за време на војна сите гледаат да ги фрлат тензиите некаде надвор“, додаде Борисов.

Според него, луѓето во Бугарија веќе се уморни и исплашени, бидејќи „војната во Украина станува сѐ пострашна“.

БСП го повика претседателот Румен Радев да „даде јасен одговор зошто Бугарија е вклучена во информациите што ги изнесе руската страна за експлозијата на мостот на Крим“.

„Во оваа растечка конфронтација треба да се даде брз и јасен сигнал и да не се дозволи Бугарија на кој било начин да биде вовлечена во конфликтот“, посочуваат социјалистите.

Во Русија, пак, растат шпекулациите за тоа како камиото по толку долго патување можел да го разнесе мостот. Според „Комерсант“, врз основа на прелиминарните податоци, „бомбата била активирана од далечина, а самите бомбаши биле во близина“. На 7 октомври во 6 часот и 7 минути имало најмалку две експлозии, а „епицентарот бил таму каде што минувал камионот“. Седумте цистерни на возот, кои во тој момент минувале по паралелниот железнички мост, биле „видливо погодени од фрагменти од структурата на мостот откорнати од експлозијата“.

За сопственикот и возачот веќе во саботата се појавија податоци – се тврди дека тоа се младиот Самир Јусубов (тој тврди дека камионот е негов единствено според документите) и неговиот 51-годишен вујко Махир Јусубов. Првиот е жител на Краснодарската област, вториот е роден во Грузија и долго време живее во Русија. Махир Јусубов со години се занимава со товарен транспорт, а камионот му бил регистриран на неговиот внук по сообраќајната несреќа во јануари 2022 година во Татарстан.

Весникот тврди дека последната цел била во Симферопол, каде што на 7 октомври (роденденот на Путин) требало да бидат испорачани палети со фолија по налог на компанијата ТЕК-34 од Улјановск. Но поради некои причини поаѓањето беше одложено. Постои верзија дека камионот влегол во Русија со овој товар и се проверуваат околностите на граничниот премин. Можно е возачот да не знаел што превезува, шпекулира „Комерсант“.

Таблоидот „Комсолска правда“, познат по своите сензационални наслови, објави – без да наведе никакви извори – дека биле користени три тешки камиони. Во едниот имало 22 палети со фолија, испорачани од Бугарија до грузиското пристаниште Поти по нарачка на Украинец. Стоката потоа била префрлена во камион со странски регистарски таблички, а возачот контактирал со гарантот преку WatsUp.

Потоа камионот отпатувал за Ерменија, каде поминал царинска проверка според правилата на Царинската унија на група земји од поранешниот СССР, вкл. Русија, преку Грузија се вратил на контролниот пункт Верхниј Ларс, каде што влегол во Русија и се шпекулира дека во палетите имало експлозив добро скриен во Бугарија. Во градот Армавир стоката била претоварена на третиот камион, кој експлодирал во саботата на мостот.

И во Ерменија се занимаваат со истата маршрута. Локално издание го цитираше „експертот за информациска безбедност Карен Вртанесјан“ кој вели дека ако опишаното е точно, тогаш разузнавачка мрежа на Украина или која било од земјите сојузници на Украинците дејствува во Ерменија.

Врз основа на верзијата дека „сигурно“ камионот се движел со тони експлозив по целата траса, тој тврди дека нема друг начин таков товар да помине на царина и да остане без придружба само во рацете на возачот. „Бидејќи утре, на ист начин, Азербејџанците може да се обидат да внесат слично оружје од Бугарија или друга земја во Ерменија и да го активираат овде“, додава тој.