Фудбалскиот клуб Црвена звезда засекогаш ќе го повлече дресот со број „11“ во чест на легендата Драган Џајиќ.

Дресот ќе биде во употреба до крајот на оваа сезона, кога и официјално ќе биде повлечен од употреба.

Џајиќ е прогласен за трета ѕвезда на Црвена звезда. Тој беше член на најтрофејната генерација во историјата на Звезда, која за 12 години освои пет титули, четири купа и Купот Митропа.

Подоцна беше истакнат функционер, а беше и технички директор кога Црвена звезда стана европски и светски шампион во 1991 година. Подоцна беше претседател од 1998 до 2004 година и од 2012 до 2014 година, кога Црвена звезда по пауза од седум години ја врати домашната титула на „Маракана“.

Од следната сезона дресот со број 11 во Црвена звезда веќе никој нема да може да го носи. Бројот 12 е исто така повлечен во чест на навивачите, а бројот 26 поради прерано починатиот фудбалер Горан Гогиќ.