„Владата нема да дозволи некој да пропадне. Граѓаните за станување ќе плаќаат максимално 30 отсто од своите приходи, во Прага 35 отсто и тоа вклучувајќи ги сите плаќања за енергија. Сите трошоци над 30 отсто државата е спремна да ги плати“, кажа чешкиот премиер Петр Фијала.
Во Чешка станбениот додаток не е новост бидејќи досега тоа беше еден вид социјална помош за најсиромашните семејства. Премиерот сега апелираше до граѓаните да не се срамат да побараат станбен додаток и дека на него имаат право и оние кои до годинешното зголемување на трошоците немаа право на тоа.
Во првото полугодие Чешка преку станбениот додаток исплатила околу 208 милиони евра. На крајот на месецот ќе бидат познати и деталите за посебната поевтина тарифа за струја и гас за домаќинствата. Во рамки на тоа државата трошоците за претстојната грејна сезона ќе ја субвенционира потрошувачката на скапата енергија со 2,5 милијарди евра.
Чешкото министерство за индустрија и трговија почнува да ги проверува и аконтациите кои енергетските компании им ги испраќаат на потрошувачите. Причина за тоа е зголемување на бројот на пријави дека поскапувањата се злоупотребуваат и дека потрошувачите плаќаат поголеми аконтации од трошоците.
„Има сигнали дека некои домаќинства треба да плаќаат поголема, несоодветна претплата. Неверојатно е дека некои претпријатија ја злоупотребуваат оваа ситуација“, кажа Маријан Јуречка, чешки министер за труд и социјални прашања.
Премиерот Фијала кажа дека Чешка е спремна и дека има доволно резерви гас за зимата. „Но ќе биде неопходно и штедење. Владата нема да ѝ даде предност на индустријата пред граѓаните“, кажа чешкиот премиер.
Во меѓувреме, Чешка ги полни резервоарите со гас. Владата постигна договор да користи терминал за течен гас во Холандија, со тоа што договорениот капацитет достигнува третина од потрошувачката на гас во Чешка и ќе може да го користи уште од оваа грејна сезона.