Стефан и Мартин Филиповски од „Некст тајм“ пред неколку дена го промовираа нивниот најнов албум насловен како „Мајка“, кој ѝ го посветија на нивната мајка, и на мајка Македонија.
Во албумот „Мајка“, се најдоа и неколку досега неслушнати нумери. Покрај новите преработки, Стефан и Мартин ги изненадија фановите со „Ја излези Ѓурѓо“, во соработка со Влатко Лозаноски Лозано, инаку песна која близнаците претходно ја преработија и со која ја освоија публиката.
„Бонус песната ‘Ја излези Ѓурѓо’ во овој албум, којашто ја испеавме со Влатко Лозаноски, беше заедничка идеја, бидејќи во повеќе наврати ја испеавме заедно песната, па и на неговиот голем солистички концерт. Од друга страна, ние сме многу блиски пријатели и уживаме во нашата дружба и надвор од музиката“, велат Стефан и Мартин за Точка.
Дел од албумот е и маестралната преработка на „Во Крушево густа магла“, песна која е речиси сосема заборавена и заслужи ваква ремек-дело преработка во нов, модерен стил.
„’Во Крушево густа магла’ е песна која што ни ја предложи Никола Мицевски. Тој ни покажа една верзија на оваа песна што ја има на Јутјуб, каде што ја изведуват странски артисти во одлична верзија. Никола сметаше дека песната ќе легне одлично на вокалот на Стефан и дека оваа подзаборавена песна може да се оживее повторно преку нас“, откриваат „Некст тајм“ за Точка.