По неколкучасовна расправа, бугарското Собрание го одобри францускиот предлог, со дополнети услови, за одблокирање на евроинтегративниот процес за Македонија и за Албанија. За точката на дневниот ред, која беше предложена од пратеникот Христов Иванов и партијата „Демократска Бугарија“, 170 пратеници гласаа „за“, 37 се изјаснија „против“, а 21 беше „воздржан“.

Дебатата во бугарскиот парламент изобилуваше со многу обвинувања за тоа „кој бил предавник“, „кој ги изневерил“ и „кој ги заштитил бугарските национални интереси“, до, речиси, едногласниот заклучок констатација дека францускиот предлог е најдобриот што Бугарија го добила до сега. Декор на расправата беа и транспаренти на „Преродба“ на кои пишуваше „Македонија е Бугарија“.

Претседавачот со седницата, Атанас Атанасов ги предупреди да ги спуштат за да не биде приморан да ги исфрли од салата. Овој потег на „Преродба“ ја отсликува нивната позиција во врска со Македонија, но противењето на „Има таков народ“ е поради непочитувањето на уставната процедува за носењето на оваа одлука.

„Прашањето за Република Северна Македонија е приоритет за Владата, а одлуките треба да бидат донесени од Владата и од премиерот. Разгледувањето на ова прашање во парламентот всушност е бегање од одговорноста на еден национален предавник, кој направи се што можеше во изминатите три месеци да се обиде да ја води оваа двострана политика за која што ние први ве предупредивме“, обвини Станислав Балабанов од „Има таков народ“.

Предлогот што го поднесе „Демократска Бугарија“ предвидува дополнување на француската понуда со уште четири услови – ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивно вклучување во Уставот како државотворен народ, дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од Бугарија и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети.