На третиот ден од „мачењето“ бугарските пратеници во новото собрание успеаја да изнајдат мнозинство и да изберат претседател на комората. Во неочекуван расплет двете антагонистички политички партии, ГЕРБ и БСП, се здружија да го предложат Вежди Рашидов за претседател на собранието. Ним им се придружија пратениците на турската партија ДПС и Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев. Интересно е што предлогот за Вежди Рашидов од говорницата го образложи лидерката на БСП, Корнелија Нинова.

За Рашидов гласаа 139 пратеници, против беа 73 (од Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија) а 27 пратеници на националистичката Преродба беа воздржани. Рашидов како највозрасен пратеник ја води конститутивната седница на собранието. Вежди Рашидов (скулптор) е член на ГЕРБ, а во два мандати беше и министер за култура во владите на Бојко Борисов.