На Србија и’ е понудено понижувачко решение на состанокот свикан од Европската Унија со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерoт на Косово, Аљбин Курти, изјави за српскиот весник „Блиц“ извор запознаен со преговорите што утрово се одвиваат во Брисел.

Со предложеното решение треба да се дерогира од Бриселскиот договор, кој Србија, според изворот на „Блиц“, не можела да го прифати.

„Судејќи по сè, нè очекуваат тешки и неизвесни денови, особено на северот на Косово и Метохијa“, вели изворот на „Блиц“.

Како што дознава весникот, Вучиќ најверојатно вечерва ќе им се обрати на граѓаните.

Жосеп Борел, високиот комесар за надворешна политика на ЕУ и Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, прво се сретнаа со Курти, а потоа со Вучиќ.

Фокусот на состаноците е изнаоѓање излез од актуелната криза и избегнување на каква било ескалација и тензии на теренот, со акцент на прашањето за регистарските таблички, соопшти Европската служба за надворешни работи.

По одделни средби треба да следи заедничка средба, се вели во соопштението за медиумите од Брисел.