Како европските проблеми ќе се одразат на нашата економија? Каналите се впрочем исти како и претходно: тука се инфлаторните движења (кои ќе се пренесат главно преку цената на енергијата на домашните цени), трговијата – која ќе биде под влијание на попрудентната потрошувачка, а исто така тука е и инвестициската претпазливост, пишува во својата редовна колумна Министерот за финансии, Фатмир Бесими на тема „ГЕОПОЛИТИКА, ЕНЕРГЕТИКА И ЕКОНОМИЈА: ОЧЕКУВАЊА И МОЖНИ СЦЕНАРИЈА ЗА ОВАА ЗИМА?“

„Што може да се направи? Владата презема и ќе презема мерки, но имајќи во вид дека многу поразвиени економии од нас не можат да го апсорбираат целосно шокот, тоа не може да се очекува ниту кај нас. Во Економскиот преглед од јули, ММФ повторно ги повтори препораките дека треба да се оди кон системски и таргетирани мерки.

Препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Побарувачката за енергија е еластична, односно растот на цената, влијае на намалување на побарувачката, а со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

Мерки за амортизирање на растечките цени на електричната енергија преземаме веќе една година, преку субвенции на производството на ЕСМ и намалувањето на ДДВ-то за електрична енергија од 18% на 5% (на годишно ниво тоа го чини Буџетот на државата околу 50 милиони евра помалку приходи од ДДВ). Но, сите ние мора да бидеме свесни за големината на овој надворешен удар. Имено, цената на електричната на енергија на регулираниот пазар кај нас е 5 пати пониска во однос на пазарната цена на струјата – тоа е поддршката која ја даваме за домаќинствата и дел од компаниите кои се мали потрошувачи.

Разликата во цената на чинење и продажната цена на електричната енергија што се обезбедува од државната компанија ЕСМ на регулираниот пазар за домаќинствата, како и за загубите на преносната и дистрибутината мрежа (што придонесува за пониска цена на електрична енергија и за делот на стопанството што е на либерализираниот пазар), надминува 200 милиони евра годишно. Но, цените на берзите продолжуваат да растат, а со тоа и трошоците за Буџетот. Затоа треба да се преземаат и други мерки покрај субвенционирањето и откажувањето од давачките.

Итно треба да се преземаат мерки за штедење на електрична енергија од сите институции во јавниот сектор и субјекти во приватиот сектор, како и во секое домаќинство, едноставно секој граѓанин треба да даде свој придонес – според максимата „ШТЕДИ И ПРОДОЛЖИ!“ по примерот на Велика Британија кое пред бомбардирањата за време на Втората Светска Војна објави постери со слоганот „Смири се и продолжи!“ (Keep Calm and Carry On!).

Тоа на среден рок треба да биде ориентацијата кон енергетската ефикасност, а понатаму и нови одржливи извори. Ако сите ние не станеме поодговорни, ништо не е постигнато. Само успеваме трошоците да ги префрламе од еден џеб во друг, бидејќи даноците ги плаќаме сите.

Во однос на другите мерки, во буџетот имаме издвоено 76 милиони евра резервни средства за нови антикризни мерки. Обезбедивме дополнителни средства во буџетот, околу 100 милиони евра повеќе за гарантираниот минимален доход и за субвенции за земјоделците. Ги зголемивме платите во здравството, полицијата, судството, поддржавме раст на минималната плата, поддржавме преку субвенции раст на плати во приватен сектор. Обезбедени се и дополнителни 200 милиони надвор од Буџетот – 100 милиони преку Европска банка за обнова и развој за ЕСМ и 100 милиони евра преку Европска инвестициска банка за Развојната банка за поддршка на стопанството. Во преговори сме и со Европската Комисија и ЕИБ во рамки на Програмата за економски развој за средства од 250 милиони евра за Гарантната шема. Најнова мерка која ја донесовме минатата недела за поддршка на ликвидноста на компаниите e постепено намалување на законско утврденото време за сервисирањето на обврските на јавниот кон приватниот сектор.

Владата работи на нов пакет на антикризни мерки, Премиерот со економскиот тим на Владата е во тесна координација со деловната заедница и сите оптшествени чинители за да се најдат најсоодвените решенија за поддршка на граѓаните и стопанството, особено за најраливите категории со таргетирани мерки“, пишшува тој.