Американскиот претседател Џо Бајден имал телефонски разговор со новата британска премиерка Лиз Трас. Двајцата лидери се согласиле за дополнително зајакнување на односите меѓу нивните земји во услови на застој во односите со Русија.
„Со нетрпение очекувам да работам за продлабочување на посебните односи меѓу нашите земји и тесна соработка за прашања од глобално значење, вклучително и континуирана помош за Украина“, напиша претходно Бајден на Твитер. Бајден и Трас разговарале за зајакнување на соработката во НАТО и одбранбената алијанса меѓу САД, Австралија и Обединетото Кралство што беше формирана минатата година за да се спротивстави на растечкото влијание на Кина, се посочува во соопштението на Канцеларијата на Трас. Во соопштението на Белата куќа се вели дека американскиот претседател и британската премиерка разговарале за соработката по однос конфликтот во Украина, како и за предизвиците поврзани со Кина и Иран.