Австријка од Натернбах дошла дома по одморот во Хрватска, а откако се распакувала, во куферот пронашла 18 скорпии, јавуваат локалните медиуми.

Жената веднаш стапила во контакт со надлежната служба за контрола на животни, која приказната ја објавила на Фејсбук.

„Попладнево нè контактираше една госпоѓа од Натернбах бидејќи во нејзиниот багаж на патување во Хрватска биле сместени слепи патници. Поточно, станува збор за скорпии со младенчиња. Животните ни се предадени и се безбедни, а во моментов се во центар за згрижување на животни додека не бидат испратени назад дома“, објавија со фотографија од животните од куферот.

Инаку, британски Мирор претходно објави дека и жена од Линц на крајот на јуни по враќањето од Хрватска пронашла скорпија во својот стан, но тоа го забележала дури по три недели. Велат дека скорпии кои биле донесени од Јадранот во Горна Австрија веќе три пати биле пријавени.