Според црногорскиот портал, акцијата ја водела Агенцијата за национална безбедност, во чија надлежност е тоа кривично дело. Акцијата е спроведена по налог на Специјалното државно обвинителство.
Едно од уапсените лица, според извор на Вијести, повеќе од 10 години работело за руска служба и е дел од поширока група чии членови им се познати на властите.
Наводно станува збор за државен службеник. Истиот извор наведува дека денешната акција е само почеток на активностите кои ќе ги откријат соработниците на странски разузнавачки служби во Црна Гора. Од Агенцијата за национална безбедност не одговориле дали е вистина дека се уапсени повеќе лица поради сомнеж за шпионажа.
Во рамки на акцијата се извршени претреси на повеќе локации во Подгорица. Друг соговорник на Вијести кажал дека акцијата е меѓународна и дека меѓу уаспените има и руски државјани.
„Полицијата изврши претрес на станови и други простории на повеќе граѓани поради основан сомнеж дека се направени кривични дела формирање криминална организација и шпионажа. Засега никој не е лишен од слобода“, кажа портпаролот на Специјалното државно обвинителство.