Христијан Мицкоски е целосно политички потрошен, го повикуваме да си поднесе оставка од претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори патот за неопходните демократски промени во партијата, повика од пред „Белата палата“ Оливер Андонов, еднодневниот ексминистер за внатрешни работи и ја обелодени „фракцијата за демократско ревитализирање на партијата“.

-Основните политички цели покрај оставката на Мицкоски и организација на нови избори за нов претседател, ќе биде повик до членството да се обединиме. Не се работи за паралелна структура во ВМРО-ДПМНЕ, за нова политичка партија, туку за членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ги повикуваме за да дејствуваме како политичка фракција во партијата. Мицкоски е политички потошен. Во изминативе пет години кажете една работа што Мицкоски направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувала во некој процес или одбранила национален интерес во Македонија – рече Андонов.

Тој не откри колкумина од членството ја поддржуваат фракцијата, бидејќи како што рече не сакаат Мицкоски да им биде на врат и да ги малтретираат. Тој упати порака дека не работат за СДСМ ниту пак се платени за некого да работат. Андонов негира дека има каква било врска со случувањата со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ниту пак со „мериот коалицијата“ и порача да не го поврзуваат со нив.

-Данела лично не ја познавам и бев против партијата да застане зад независен кандидат. Партија која има повеќе од 40.000 членови да не може да најде кандидат за градоначалник, па мора да се врзува за независен. Тоа што денес се случува со Данела го предвидов пред една година – рече Андонов.

Фракцијата ја обелоденува сега бидејќи според него, сега се исполниле сите услови членството во целост да ги гледа работите како што треба. Тој не очекува Мицкоски веднаш да даде оставка, борбата вели ќе трае, но под притисок на членството тој ќе замине од партијата. Андонов најави дека уривањето на Мицкоски ќе биде преку членството, комитетите и членовите и Централниот комитет од каде имаат поддржувачи. Поддршка не побарал од пратениците бидејќи смета дека не е момент поради општата политичка состојба во која тие се наоѓаат.

Додека Андонов ја објавуваше фракцијата, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ечеше музика.

– Жалам што ова го прави центарот за комуникација, ова е веќе видена работа. Ај да видиме која песна ќе ни ја пуштат. Им благодарам што ни ја разубавуваат прес-конференцијата на еден ваков убав начин да слушаме музика во позадина – рече Андонов.