Покрај искоренување на корупцијата, во предлог-легислативата за помош и поддршка на земјите од Западен Блакан, што минатата недела ја претставија група американски сенатори, се наведува и дека САД ги признаваат јазиците и ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот.
Сенаторката Џин Шахин, претседателка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, објаснувајќи што предвидува предлог-легислативата за регионот, за „Гласот на Америка“ вели дека државниот секретар на САД ќе може да им нуди техничка помош на државите од Западен Балкан, кои сакаат да развијат национални стратегии за борба против корупцијата.
– Справувањето со корупцијата е многу важен дел. А она што го прави легислативата е да го овласти државниот секретар да обезбеди техничка помош на земјите кои бараат помош при адресирање на нивните предизвици со корупција – рече Шахин.
Во врска со делот од предлог-легислативата во однос на јазиците и како гледа на тоа што Бугарија го негира постоењето на македонскиот јазик, Шахин признава дека „постојат долгогодишни историски разлики меѓу етничките групи и земјите во регионот“.
– И додека гледаме како да одиме напред во иднината, мислам дека е важно да се обидеме да решиме некои од тие долгогодишни предизвици што постојат, исто како што видовме како Грција и Северна Македонија конечно ги решија нивните разлики околу името и што тоа значеше за културите на двете земји. Треба да видиме повеќе од тие видови компромиси, кои ќе им овозможат на земјите да одат напред и да се фокусираат на иднината, наместо да бидат заглавени во минатото – изјави Шахин.
Според неа, лидерите на Балканот треба да се фокусираат на интеграцијата во Европската Унија, а не на промовирање конфликт.
– Кога разговараме со луѓето на патувањето на крајот на април и секогаш кога сум била во регионот во минатото, сум слушала од граѓаните во тие земји дека сакаат мир. Тие сакаат стабилност, сакаат да видат крај на конфликтот. Сакаат да имаат можности за себе и за своите семејства. И мојата порака до лидерите од Западен Балкан е да размислат што сакаат нивните граѓани. Размислете за иднината и за тоа што е добро за вашата земја. Патот напред е гледање кон демократијата, гледање кон интеграција со Европската Унија, со Западот и не со продолжување на промоција на конфликтот што во минатото беше толку катастрофален за нивните граѓани – вели Шахин.
Таа нагласува дека обновување на фокусот кон демократски напредок е особено важно во време на етнички тензии и напори од страна на Русија да поттикне конфликт во регионот.
– Додека Русија гледа каде би можела да оди по Украина, секако Западен Балкан е едно од тие места, и затоа војната во Украина е толку критична. Размислуваме за тоа како ќе направиме се што е можно за да ја поддржиме Украина и нејзините напори против бруталната неиспровоцирана војна на Русија. Не можам да замислам дека некој, каде било во светот, а особено во Европа и на Западен Балкан, гледа што се случува во Украина, мислејќи дека би сакале Русија да влезе и да го направи тоа во нивните земји – изјави Шахин.
Таа вели дека предлог-легислативата има цел да обезбеди економски напредок и да ја охрабри трговијата на Западен Балкан, не само со САД, туку и со Европа и со соседните земји, како и да создаде средина со можности за вработување на младите.