Џо Бајден предупреди дека републиканска победа на денешните избори за Конгресот би можела да ги ослабне демократските институции на земјата, додека Доналд Трамп уште еднаш навести дека следната недела би можел да ја објави кандидатурата за претседател.

Коментарите на Бајден ја одразуваат длабоката политичка поделба во САД во пресрет на изборите, на кои што Републиканците би можеле да ја преземат контролата во еден, а можеби и во двата дома на Конгресот. Денеска се гласа за целиот Претставнички дом, една третина од Сенатот и за гувернерски места во неколку клучни сојузни држави.

Способноста на Бајден да донесува закони ќе биде сериозно нарушена ако Републиканците го освојат Претставничкиот дом, како што предвидуваат анкетите. Овие избори исто така се сфаќаат како своевиден референдум за лидерството на претседателот. Иако исполни дел од своите предизборни ветувања, популарноста на Бајден опадна по најлошата инфлација во последните четири децении, рекордниот број илегални преминувања на американско-мексиканската граница и порастот на криминалот.

„Знаеме во нашите коски дека нашата демократија е во опасност и знаеме дека ова е вашиот момент да ја браните“, изјави Бајден на последниот митинг во Мериленд.

Во последните анкети, само 39% Американци ја пофалија работата на Бајден.

Доналд Трамп истовремено порача дека на 15 ноември во Флорида ќе објави нешто големо.

„Ако ги поддржувате падот и пропаѓањето на Америка, тогаш мора да гласате за радикално левите, луди луѓе. Ако сакате да го запрете уништувањето на Америка, тогаш мора да гласате за Републиканците во голем црвен бран“, кажа Трамп на митингот во Охајо.

На Републиканците им требаат пет места во Претставничкиот дом и едно во Сенатот за да ја преземат контролата во Конгресот.