Поранешниот Mинистер за култура и национален координатор за политики за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски денеска на своето предавање на Школата за млади лидери “Peace Forum Dialogue”  што се одржа во рамките на 21-годишнината од Охридскиот договор, истакна дека приоритетите и целите треба да се фокусираат за преиспитување на актуелните закони и законски рамки и нивно реафирмирање.

Одлуката за изработка и одобрување на Националната стратегија за развој на концептот „Едно општество за сите“ и интеркултурализмот означува важна пресвртница во официјалните политики и политиките во земјата. Декларацијата и официјалното отпочнување на принципот, концептот, политиката и стратегијата ја воведуваат инклузијата, интеграцијата, инклузивниот мултикултурализам и интеркултурализмот како главни основи на националните политики и кохезијата во официјалните политики на земјата.

Нагласени се неколку проблеми, како што е недоволната застапеност на помалите заедници и непочитувањето на сите права што им се дадени на заедниците со Уставот и Охридскиот рамковен договор. Како причини за тоа во Стратегијата се наведуваат недостигот на капацитети, недовербата на граѓаните во судството и неспроведувањето на актуелните закони. Понатаму, се истакнува недоволната координација меѓу различните институции. Постои законска рамка за заштита на различните етнички заедници и нивна застапеност во државните институции, но таа не е соодветно имплементирана. Затоа, приоритетите и целите се фокусираат на ревидирање на постоечките закони и законски рамки и нивно реафирмирање.

Градење политики и мерки за развој на интеркултурализмот на локално ниво. Изнаоѓање начини во рамките на Уставот и законите кои ќе помогнат во зајакнувањето на дијалогот, толеранцијата и солидарноста во локалните заедници. Исто така, ќе се развива социјалната кохезија на локално ниво, особено во руралните заедници, со посебен акцент на родовата еднаквост и еднаквите можности, потенцираше Алаѓозовски во своето предавање.