Остра критика од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во име на „Европскиот фронт“ ги обвини албанските политички субјекти, кои се очекува да бидат дел од идната влада, дека го нарушиле легитимитетот на слободното гласање и на Охридскиот договор.

Според Ахмети, за „Европскиот фронт“, неприфатливо е коалицијата што освоила помал број мандати да стане дел од владата.

„Охридскиот договор не се чита исто од сите политички или јавни кадри, ние не дозволуваме овој договор да биде прекршен“, рече тој.

Додаде дека таквите чекори нè враќаат, како што рече, две децении назад.

„Непочитувањето на легитимитетот е понижување за Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите.

Ова понижување, за жал, го овозможуваат некои што потпишаа заедничка изјава со нас, кои неколкупати јавно изјавија дека доколку загубат со еден глас и еден пратеник помалку, ќе се повлечат, но од ситни лични амбиции или други непознати причини пред пошироката јавност и со голема омраза кон нас, потклекнаа и овозможуваат воспоставување етничка хегемонија.

Го почнуваме овој пат за да не дозволиме мајоризација, која ги оптоварува соживотот и демократијата“, додаде тој.

Ги повика граѓаните да им се придружат во нивните напори за да се заштитат гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот договор, но и на договорите од Преспа и за добрососедството за европската иднина, дополни Ахмети.

„Луѓето нè прашуваат зошто гласаме кога некој друг одлучува за нашата волја и нашите определби, граѓаните нè прашуваат која е смислата на демократијата кога не се почитува легитимитетот, кога одлучува најголемата македонска партија. Ова нè враќа две децении назад кога не се почитуваше слободната волја на заедниците. Легитимноста е столбот на демократијата, затоа ја почнуваме битката за почитување на Охридскиот договор. Кога се почитува духот на Охридскиот договор, општеството напредува, но кога не се почитува, се враќаме во други времиња, кои колективно сме ги напуштиле“, потенцира лидерот на ДУИ.

Ахмети не сака да ги открие следните чекори на „Европскиот фронт“, но кусо изјави дека јавноста ќе биде навреме информирана за тоа.