Тим за санкции од Вашингтон пристигна во земјава за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери, и да ги разгледа сите можни одговори, објави денеска на Твитер американската амбасадорка во Северна Македонија Анџела Агелер.

– Правосудниот сектор на Северна Македонија има потреба од повеќе истраги и гонења, за да се покаже дека никој не е над законот, подвлече Агелер.

 

Амбасадорката на САД пред неколку дена порача дека иако земјава чекори на патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија.

-Намалувањето на корупцијата е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство, рече амбасадорката Агелер на средба со премиерот Димитар Ковачевски пред два дена.

 

Американската амбасадорка во повеќе наврати нагласува дека граѓаните во земјава заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки. Таа рече дека борбата против корупцијата во земјава ќе ја направи приоритет на Амбасадата на САД затоа што корупцијата ја кочи оваа земја од многуте успеси што може да ги постигне.

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД Габриел Ескобар пред неколку дена изјави дека санкциите на САД за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и дека Вашингтон ќе продолжи со санкционирање корумпирани функционери од регионот. нд/са/