Доколку изборите се на 8 мај и согласно уставните и законските рокови инаугурацијата на претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, конститутивната седница на Собранието би се одржала 20 дена по изборите, односно до 28 мај, а новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година
Ако политичките партии се договорат за 8 мај да биде датумот кога ќе се одржи вториот круг претседателски и редовните парламентарни избори, тогаш распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 28 февруари, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.
Ако изборите се одржат споено, тогаш според пржинскиот договор Џафери вели дека треба претходно да биде формирана и техничка влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.
„Политичките партии кои се во Собранието ќе треба да се усогласат околу евентуалниот датум на одржување на изборите во рамките на она што се дадени како рамки за определување на условите со Уставот и законите во рамките на последните 60 дена од претседателски и последните 90 дена од парламентарните избори. Ако се претпостави она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив за сите да бидат заедно регуларни избори, претседателски и парламентарни, тогаш роковите се во рамките на минимум 70 и максимум 90 дена од распишување до одржување на изборите. Изборите во тој случај би се распишале околу 27 или 28 февруари. Ако се одржат заеднички на 8 мај, како резултат на пржинскиот договор, техничка влада би требало на крајот на јануари да е избрана 27 или 28 јануари да се избере техничка влада. Тоа се роковите во однос на она што би бил конкретниот датум за избори доколку е 8 мај“, рече Џафери.
Тој вели дека досега до него не е стигната никаква информација дека е постигнат договор меѓу партиите за денот на одржување на изборите.
Согласно најавите на премиерот Димитар Ковачевски дека декември нуди можност да се организира средба во Собранието со парламентарните партии, на која ќе бидат дефинирани сите детали околу одржувањето на изборите, Џафери рече дека тој датум сè уште не е прецизиран.
Тој вели дека Собранието е отворено и оти политичките партии се добредојдени, но ќе треба да ги имаат во предвид обврските на пратениците. Единствено, најави тој, таа средба не може да се случи меѓу 7 и 10 декември затоа што тој и поголемиот дел од пратениците ќе бидат во Париз на завршница од процесот „Жан Моне“.
Според Џафери, пред 7 или по 10 декември може да се очекува оваа работна група, во која се сите парламентарни партии, да го формализираат предлогот 8 мај да се одржат претседателските заедно со парламентарните редовни избори.
Инаугурацијата на новиот шеф на државата би била на 12 мај.
Согласно роковите, конституирањето на новиот парламент би требало да се случи во рок од 20 дена од денот на одржувањето на изборите. Доколку во овие 20 дена не се конституира Собранието, тогаш тоа ќе биде на 21. ден, а седница ќе ја води најстариот пратеник. Конститутивната седница, согласно новиот Деловник чија примена ќе почне од новиот мандат, овој пат ќе трае најмногу три дена. На третиот ден ќе мора да се избере и претседател на Собранието кој ќе треба да го извести шефот на државата, кој овој пат ќе биде нов, дека е верификуван мандатот на пратениците и какви се бројките за да може да се додели мандатот за формирање на новата влада.
Новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.
На прашањето околу информациите во јавноста дека тој би можел да биде премиерот што треба ДУИ да го предложи за техничката влада, Џафери вели дека официјално до него нема навестување за такво нешто, но доколку е такво решението, нагласува дека ќе биде потребно да се избере нов претседател на парламентот до неговото распуштање, како и во Собранието да влезе нов пратеник.
Исто така, Џафери не сакаше да коментира колку потенцијални кандидати има за местото премиер во техничката влада, како и дали меѓу нив има и некоја жена.