Десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ Бразил и одржаа продемократски митинзи, како лут одговор на упадот во Конгресот од поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.
Во најголемиот град во земјата Сао Паоло, толпата извикуваше „Болсонаро мора да оди во затвор“, каде улиците беа преплавени од луѓе кои скандираа за правда. Многумина дојдоа облечени во црвено, боите на Работничката партија на Лула, други мавтаа со плакати на кои пишуваше „Нема амнестија за пучистите“ и повикаа одговорните да бидат казнети.
Нивните изјави беа во насока дека не се согласуваат со упадот во Конгресот и ги осудија оние кои кои веруваат дека можат да ја искористат својата моќ за да ја уништат демократијата.
Бразилската полиција уапси повеќе од 1.500 демонстранти растурајќи ги нивните кампови откако во неделата подржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа во зградите на Националниот конгрес, Врховниот суд и претседателската палата, оспорувајќи го изборот на Лула да Силва. Сегашниот претседател, кој положи заклетва минатата недела, откако ги обиколи објектите за да ја види направената штета ги нарече фанатични фашисти.
Приврзаниците на Болсонаро, кој кратко по објавувањето на резултатите од претседателските избори ја напушти земјата, се убедени дека изборната победа му била украдена. Многумина од нив сметаат дека местото на да Силва не е на чело на државата, туку во затвор, од каде што беше ослободен откако беше поништена пресудата од 2017 година за коруција и злоупотреба на положбата.