Прес-службата на Евгениј Пригожин објави видео во кое основачот на ПМЦ „Вагнер“ во Бахмут го најавува почетокот на повлекувањето на платениците од градот.
Пригожин вели дека единиците на „Вагнер“ целосно ќе го напуштат Бахмут до 1 јуни и ќе им отстапат место на редовните единици.
По напуштањето на Бахмут, се вели во видеото, единиците на „Вагнер“ ќе направат пауза, ќе ја поправат опремата и ќе регрутираат нови платеници, а потоа, како што најави Пригожин, „ќе почнат нова задача“.
Во видеото Пригожин се ракува со борците на „Вагнер“ и им честита.
„До 1 јуни, главниот дел ќе се пресели во заднински кампови. Ги префрламе позициите на војската. Муниција, позиции, сè, вклучително и сувите оброци“, рече Пригожин, зборувајќи директно во камерата.
Русија ги замени приватните воени единици Вагнер со редовни војници во предградието на Бахмут, но борците на групата остануваат во разурнатиот град, изјави во четвртокот заменик-министерката за одбрана Хана Малијар.
Фреквенцијата на напади во насока Бахмут „е намалена“, според Серхи Черевати, портпарол на Источната групација на украинските вооружени сили.
Во изјава за Си-Ен-Ен, Черевати рече дека ова е „многу невообичаено за овој дел од фронтот“, додавајќи дека причина за тоа е „значајната исцрпеност, загуби и прегрупирање“ на руските единици.
„Имаше два борбени ангажмани во изминатите 24 часа. Во текот на претходните два дена имаше по три борбени ангажмани“, рече тој.
Зборувајќи за повлекувањето на Вагнер од Бахмут – за кое шефот на организацијата Евгениј Пригожин вели дека започна во 5 часот наутро по локално време во четвртокот – Черевати рече „не можеме да го потврдиме тоа“, додавајќи „ние ќе можеме да ги потврдиме деталите за тоа кои единици и кога ќе се прегрупираат. Во секој случај, ќе го искористиме ова“.